Актуелно 26.10.2023 11:22

Владата ќе се задолжи со нови 502 милиони евра – економските експерти се држат за глава

Владата ќе се задолжи со нови 502 милиони евра – економските експерти се држат за глава

Владата на Република Македонија ја промени одлуката за финансискиот план за оваа година и одлучи да се задолжи со нови 502 милиони евра на домашниот пазар, наместо со 350 милиони евра како што беше претходно планирано.

Оваа одлука предизвика бурни реакции и критики од страна на економските експерти, кои велат дека токму ваквиот владин потег е главен показател за лошата финансиска состојба на земјата и дека може да има негативни последици за инфлацијата, долгот и растот на БДП.

Според образложението на Владата, причината за зголемувањето на задолжувањето на домашниот пазар е дека каматните стапки во земјава се пониски од оние на меѓународните пазари и дека тоа ќе овозможи подобро финансиско управување со долгот.

Владата исто така вели дека е планирано нето-задолжувањето кај домашните кредитори во текот на оваа година да се зголеми за над 150 милиони евра, но дека тоа ќе биде компензирано со намалување на надворешното задолжување.

Меѓутоа, економските експерти не се согласуваат со ова објаснување и велат дека ваквата одлука само покажува дека Владата има проблеми со ликвидноста и дека не може да ги исполни своите обврски.

Експертите посочуваат дека зголемувањето на задолжувањето на домашниот пазар ќе има негативно влијание и врз инфлацијата, бидејќи ќе генерира повисока потреба за парична маса и ќе го зголеми притисокот за увоз на храна и енергенси.

Тие исто така предупредуваат дека ваквата одлука ќе го ограничи просторот за задолжување на домашниот пазар во иднина и ќе го зголеми ризикот од неплатежна способност.

Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини изјави дека Владата се обидува да го прикрие своето лошо финансиско раководење и дека самата одлука ги демантира нејзините тврдења дека буџетот и економијата се стабилни.

„Тие се во тешка финансиска состојба и се обидуваат на секој начин да го прикријат тоа. Но, самата одлука според која бараат дополнително да се задолжат ги демантира и говори дека нешто не е во ред со буџетот и дека состојбата со економијата оди кон лошо што, пак, се покажува и со статистичките податоци. Индустриското производство неколку месеци е во минус, расте долгот, а по оваа одлука ќе расте и инфлацијата бидејќи е под притисок на потребата за увоз на храна и енергенси. Меѓународните финансиски институции веќе ги намалија прогнозите за растот на БДП што е далеку од првичните планови на Владата за раст на економијата од 5,4%“, вели Хајредини.

Економистите додаваат дека ваквата одлука може да има оправдување само доколку Владата успее да ги намали каматните стапки на надворешното задолжување и да ги пребалансира буџетските расходи и дефицитот.