Актуелно 07.06.2024 12:49

Владата пред заминување се задолжи со 25,8 милиони евра

Владата пред заминување се задолжи со 25,8 милиони евра

Две државни обврзници во вкупен износ од 1.590 милијарди денари (25,8 милиони евра) од денеска котираат на Македонска берза. Министерството за финансии вчера даде налог за нивно издавање, соопшти Македонска берза.

Двете се со номинална вредност од 10.000 и со рок на враќање од 5 и 15 години.

Петгодишната државна обврзница е со вредност на емисијата од 590.750.000 денари (9,6 милиони евра). Издадени се 59.075 хартии од вредност, со каматна стапка од 4,2%. Доспева во јуни 2029 година.

Втората емисија е на износ од 1.000.020.000 денари (16,2 милиони евра). Емитувани се 100.002 обврзници, а доспеваат во јуни 2039 година. За нив каматата е  5,6%.

Ова ново задолжување на домашниот пазар се случува  непосредно пред стапување на власт на новата влада која уште за првиот месец од владеењето најави ребаланс на буџетот.