Капитални инвестиции нема, а Владата продолжува редовно да се задолжува на домашниот пазар. Министерството за финансии за утре има закажано аукција на хартии од вредност со која планира да повлече нови 3,3 милијарди денари односно околу 53,6 милиони евра.
Владата на почетокот на оваа година се задолжи со еврообврзница од половина милијарда евра за која само по основ на камати треба да се платат 96 милиони евра.
Истовремено расте и јавниот долг. Вкупниот јавен долг на Македонија на крајот на вториот квартал од 2018 година изнесува 48,8% од БДП, што претставува зголемување за 0,6 п.п. во однос на претходниот квартал, покажуваат најновите податоци на Народната банка.
„Промената во најголем дел произлегува од зголемувањето кај надворешниот долг (од 33,0% на 33,4% од БДП), при раст и на внатрешниот долг (од 15,2% на 15,4% од БДП). Вкупниот државен долг и долгот на јавните претпријатија (за кој државата има издадено државна гаранција) во вториот квартал се зголемија за 0,3 п.п. и 0,2 п.п. од БДП, соодветно“, соопштија од НБРМ.