Откупот на лубеници во струмичко речеси запрен, од десетина магацини во подбеласичкиот регион, откуп врши само еден и тоа по цена од 2 – 3 денари. Голем дел од производеното веќе скапува по нивите, бидејќи земјоделците нема каде да го пласираат. Производителите нервозно коментираат дека се заборавени од власта и дека никој од министерството не дошол да го слушне нивниот проблем и да понуди решение.
-Нас три денари не не покриваат воопшто. Тука сме на нивата и ја гледаме каква е состојбата со бостанот. Бостанот ни е уништен веќе. 50 до 60% сигурно ќе ни остане на нивата. Лани се надевавме на некаков откуп, имаше некаков откуп, зедовме за трошоците пари ама таа година е многу поголема катастрофа од лани, вели Станислав Пујкиловиќ, земјоделец од струмичко, кој пред камерите на медиумите ја коментира трагедијата со која се соочуваат.
Земјоделците предупредуваат дека нивното трпение е пред крај и дека ќе преземат порадикални мерки доколку нешто итно не се преземе.Штрајкот е опција оваа недела како што најавуваат земјоделците, веќе ништо не може да ги заплаши коментираат тие.
Ова е втора година откако производителите на бостан маки мачат со ниската откупна цена откако СДСМ е на власт нивните проблеми никако не завршуваат, а револтот е се поизразен деновиве поради слабата реакција на владата на СДСМ и министерот за земјоделие Љупчо Николовски кој ветуваше „подобар живот за сите“.
Не требаше да помина долг период за да се види дека владата на СДСМ ги остави земјоделците буквално на цедило. Минатата година земјоделците се жалеа на несериозноста од страна на министерот Николоски и во знак на револт беа принудени да протестираат и бостанот да го фрлаат пред министерството за земјоделие. Истиот проблем земјоделците го имаат и оваа година кога владата нема слух за нивните проблеми. Според домашните одгледувачи, министерството за земјоделие воопшто не ги сфаќа сериозно нивните барања и проблеми.
Граѓани стравуваат и за животна егзистенција за себе и за своите семејства, бидејќи одгледувањето на бостан им е единствен пат до доаѓање на парче леб за нивните семејства.