Власта се премисли и ја коригираше листата на основните прехранбени производи, кои од 10 отсто повторно се вратија на 5 отсто. Со ова власта успеа целосно ги збуни граѓаните, кои сега освен што мораат да гледаат кои производи се со гарантирани цени, мораат да знаат и кои производи се со 5, а кои со 10 отсто ДДВ. Велат дека веќе не знаат кои производи се луксузни, а кои основни, ниту кои се здрави, а кои нездрави. Власта се изгуби во дефиниција на производите, а граѓаните се изгубија во пресметка на цените. Граѓаните велат дека треба со дигитрон да одат во маркет за да пресметаат кои производи имаат 5, кои 10 отсто ДДВ, кои се намалени за 10 отсто, а кои воопшто не се намалени.
Така, од петок со 5 отсто ДДВ повторно ќе се продаваат урдата, замрзнатото тесто, црниот бибер, црвениот пипер, бебешките каши, адаптирано млеко за доенчиња, додатоци за исхрана за опаднат имунитет, хербалните чаеви, наполитанките, вафлите, растителниот кашкавал, останати одредени видови кашкавали, лутеница, конзервирано цвекло, феферони.
„Лускузни“ остануваат мајонезот, сите видови апетисани, компоти, тропското овошје, сончогледот, мастиките, најголем дел од зачините и уште стотици други производи.
Поскапуваат и над 500 производи во аптеките. Меѓу нив се речиси сите витамини, таблети за смирување, препарати за црниот дроб, за простатата и за очите, ќесички со електролити. И нивното ДДВ од 5 оди на 10 отсто.
– МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ И ВЛАДАТА ВО КРЕИРАЊЕТО НА ПОЛИТИКИТЕ И НИВНАТА ПРИМЕНА СЕ ВО ПОСТОЈАНА КОМУНИКАЦИЈА СО БИЗНИС-ЗАЕДНИЦАТА И ОТВОРЕНИ СЕ ЗА СУГЕСТИИ И ПРЕДЛОЗИ. ПРОЦЕСОТ НА УТВРДУВАЊЕ НА ОВАА ОДЛУКА, ИСТО ТАКА, СЕ ВОДЕШЕ НИЗ ТРАНСПАРЕНТЕН И ИНКЛУЗИВЕН ПРОЦЕС И БЕШЕ СПОДЕЛЕНА ЛИСТАТА СО ПРОИЗВОДИ КОИ ЌЕ СЕ ОДАНОЧУВААТ СО ПОВЛАСТЕНА СТАПКА НА ДДВ ПРЕД ДЕВЕТ МЕСЕЦИ, УШТЕ ВО ЈАНУАРИ СО БИЗНИС-ЗАЕДНИЦАТА, ПРЕКУ СТОПАНСКИТЕ КОМОРИ ЗА ТИЕ ДА МОЖАТ ДА ДОСТАВАТ СВОИ ПРЕДЛОЗИ. ОДЛУКАТА СЕ ДОНЕСЕ НА СЕДНИЦА НА ВЛАДАТА НА 28 СЕПТЕМВРИ И СТАПИ ВО СИЛА НА 2 ОКТОМВРИ, КОГА ЗАПОЧНА СО ПРИМЕНА, НО ПОРАДИ УТВРДЕНИТЕ НЕДОСЛЕДНОСТИ ВО ПРИМЕНАТА КАЈ ДЕЛ ОД ПРОИЗВОДИТЕ СЕ УКАЖА ПОТРЕБА ОД ИЗМЕНА НА ОДЛУКАТА КОЈА БЕШЕ НАПРАВЕНА ВО НАЈКУС МОЖЕН РОК, СЕ НАВЕДУВА ВО СООПШТЕНИЕТО.
Но, сепак овие промени на цените не ја намалија инфлацијата, смета лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски. Според него во државата е двапати поголема од таа во Еврозоната, цените растат, а се намалува вредноста на примањата на граѓаните.
-Јас би го советувал ако сонува да се разбуди од сонот, а доколку навистина има проблем со диоптријата можам да му препорачам добар очен лекар и се надевам дека следниот пат подобро ќе ги гледа цените од позиција на опозиција, но тогаш ќе ја види и сопствената одговорност, вели Мицкоски.
И граѓаните повеќепати досега реагираа дека власта само ги залажува со „гарантирани цени“, со промена на ДДВ, со коригирање на листи, а цените постојано растат.
Од Министерството посочуваат дека земјава има најниски даночни стапки на ДДВ и целата човечка исхрана се оданочува со повластена стапка на ДДВ. Најголем дел од неа се оданочуваат со најниска повластена стапка од пет проценти, односно примената на најниската повлатена стапка на ДДВ во земјава се однесува на повеќе од 1650 прехранбени производи, а дополнително повластена стапка имаат и други околу 950 прехранбени производи.