Бог да го прости мојот татко Анѓелко Ѓорчев (72). Почина денес, после 11 дена во кома.
Замина тивко и ненадејно. Ќе го паметат неговите деца и внуци, сите кои го сакаа. Многу роднини, пријатели и БЕЗБРОЈ пациенти на кои неуморно им помагаше целиот живот.
Неизмерно, со целото свое битие ја сакаше Македонија. Македонец што беше поканет во врвните светски медицински институции, а секаде, буквално секаде со занос и со МНОГУ љубов зборуваше за македонЦките работи.
Проф. Др. Анѓелко Ѓорчев (19.09.1948 – 07.04.2021) претстојуваше на врвните клиники во САД, Велика Британија и Франција, го викаа да остане таму, му нудеа одлични услови, но неговиот повик беше да го лечи својот народ. Тука, во Македонија.
Неговата мисија беше да биде народен доктор, да ги запознае македонските градови и села преку кажувањата на неговите пациенти.
Од било која светска клиника, од било кој светски професор, повеќе му значеше убав збор од некој обичен човек. Најголем комплимент му беа ИЛЈАДНИЦИ пациенти, од сите вери и нации, кои одеа кај него затоа што знеаја дека вреди, дека е стручен, дека ќе помогне.
Знаеја дека ќе им помогне, дека кај него вратата е отворена, дека ќе крене телефон, дека ќе запне за секој човек, дека лично ќе појде во сред ноќ да спасува пациент.
Неговата мисија беше како професор да им предава на младите студенти од цела Македонија, да ги учи и подготвува да бидат добри, компетентни доктори.
Збогум тато. Ќе те спомнуваме и ќе се сеќаваме. Таму, горе од небото гледај и чувај ја твојата сакана Македонија. Зборувај со сите македонски кралеви и цареви, со сите наши комити и војводи за кои читаше целиот свој живот.
Неговиот најголем мерак беше да се ангажира околу неговите внуци, да помага околу нив, да се дружи со нив. Дедо да ги носи во игротека, во зоолошка градина, да ги гледа на фудбал и на балет, да дојде на школската претстава.
Лесна му земја. Многу, многу го сакавме. Почивај во мир тато.
Твојот син,
Владимир Анѓеко Ѓорчев, со сопругата – снаата Сузана и со децата – внуците Марта, Филип, Никола и Катерина