Група ловокрадци кои влегле во резерват во Јужна Африка со намера да убиваат носорози биле нападнати и изедени од лавови.
Според количината на крв и деловите од тела на местото на настанот, лавовите изеле барем тројца. На подрачјето на резерватот Субија Гејм Резерв, пронајдена била една глава, крвави делови од тело и три пара чевли.
Се судриле со погрешни, па станале вечера
“Пронајдовме доста делови од тела и три пара чевли, па заклучуваме дека лавовите изеле барем тројца од нив. Но, насекаде има високи растенија, па не ја исклучуваме можноста да има и повеќе жртви. Во паркот влегле вооружени со ловечки пушки и секири, како и доволно храна за неколку дена, па претпоставувам дека дошле да ги убијат сите четири носорози, колку што имаме тука”, изјавил сопственикот на паркот, Ник Фокс.
“Лавовите се наши чувари и заштитници. Се сретнале со нив, и станале вечера”, заклучил тој.
Во овој парк, кој се простира на седумдесетина квадратни километри, освен лавови и носорози живеат и други примероци на големата африканска петорка – слон, бизон и леопард.
“Иако не растажува кога некој ќе го изгуби животот, ловокрадците дошле да ги убиваат нашите животни. Ова воедно праќа многу силна порака до сите ловокрадци дека нема секогаш да се враќаат како победници”, продолжил тој.
Резерватот уште во 2016. година останал без три носорози кога ловокрадци провалиле, ги убиле животните и им ги отсекле роговите. Меѓутоа, овој пат, залутувајќи меѓу лавовите, ловците станале плен.
Ловокрадството на носорози е растечки проблем во цела Африка, а тоа посебно се однесува на подрачјето на Јужна Африка. Акциите на ловокрадците станале врвно организирани, а подразбираат врвно вооружување со автоматски и полуавтоматски пушки, авиони, хеликоптери, теренци и пушки за успивање.
Портпаролот на полицијата потврдил дека биле пронајдени човечки остатоци и рекол дека полицијата се обидува да дознае дали е изеден уште некој.
“Идентитетите на ловокрадците уште не се познати. Пронајденото оружје го однесовме во лабораторија. Ќе се обидеме да докажеме за што било користено”, изјавил тој.