Актуелно 20.04.2018 12:20

Во Охрид викендов 6. „Codefest“ програмерски маратон

Во Охрид викендов 6. „Codefest“ програмерски маратон

Стотина млади програмери и студенти по информатика ќе учествуваат на шестиот по ред „Codefest“ програмерски маратон што викендов се одржува во Охрид.

Манифестацијата, осмислена како прослава на технологијата, иновациите, стартапите и креативните млади, започнува попладнево со отворање на Конференцијата „Codeference“ на која се предвидени предавања од областа на информатичката технологија, како и повеќе интерактивни активности, а паралелно ќе се одржува и бизнис-експото каде ќе се претстават повеќе компании и стартапи.

Самиот „Codefest“ маратон почнува утре и ќе трае 32 часа, а натреварувачите ќе бидат распоредени во 28 групи и три категории и тоа Млади (до 16 години), Студенти (од 17 години до мастер студии) и Професионалци (вработени, freelancer-и или не-студенти). Тимовите учесници на Маратонот доаѓаат од целиот регион и ќе се натпреваруваат во развој на иновативни идеи и прототипи од областа на програмирањето. Паралелно со Маратонот започнуваат и практичните мултидисциплинарни работилници – „Codefest Workshops“ што се бесплатни и отворени за пошироката публика. Истовремено, во рамки на маратонот ќе се одвива и „Community Corner“, дел од фестивалот во кој заедницата може да се претстави со сопствен настан или активност.

Финалните презентации на тимовите и нивните креации ќе се одржат задутре, по што стручно жири ќе ги одбере најдобрите идеи и креации и ќе ги прогласи победниците, за кои се обезбедени вредни награди.

Настанот „Codefest“ е основан и организиран од „Стартап Зона“ од Охрид, а ова издание се одржува со помош на ИТ и бизнис заедница од Охрид, со вклучувањето на стартапот „Slice“ и на „Охридска Банка Сосиете Женерал“ како главни партнери на настанот. Манифестацијата е поддржана и од голем број домашни и интернационални партнери како „InScale“, „Seavus Education and Development Center“, „South-Central Ventures“, како и „Swiss Entrepreneurship Program“ на Владата на Швајцарија. Во целиот настан се вклучени и голем број компании преку експо-работилниците, а секако и со регрутери на млади таленти за потребите на нивните информатички ориентирани фирми.

Најнови вести