Економија 01.08.2018 11:36

Во позитива сме: Колку пари потрошиле странци во продавници во земјава

Во позитива сме: Колку пари потрошиле странци во продавници во земјава

Над 322 милиони евра потрошиле странци со нивните картички во земјава во текот на минатата година. Последните податоци од Народната банка за платежната статистика покажуваат дека најголем дел од оваа сума е повлечена на банкомат, нешто помалку вредат трансакциите во продавниците, додека помал дел се продажбите кои со странски картички во наши фирми се направени он лајн.

Според податоците, од тие 322 милиони евра, најголема сума е потрошена во месец август. Логично кога повеќе туристи и ја посетуваат земјава. Во тој месец со странски картички на наша територија поминати се дури 53,2 милиони евра. Најслаб е месецот февруари кога странци потрошиле овде само 16 милиони евра.

Инаку ако вкупната вредност на трансакциите изнесува 322 милиони евра, како готовина од банкомат овде, а со странска картичка извлечени се 192 милиони евра. Сепак дел и од овие пари завршиле овде. Во продавниците или на пос терминали со странски картички „лизнати“ се 127 милиони евра. Он лајн од наши компании со странски картички направени се трансакции вредни три милиони евра.

Инаку ако се споредува со 2016, лани странците потрошиле повеќе пари во земјава. Имено во 2016 година, сумата изнесува безмалку 270 милиони евра или над 50 милиони евра помалку од 2017 година.

Фактор веќе објави дека Македонци потрошиле во странство од картичките лани над 217 милиони евра. Од сета сума преку пос терминали или во продавници граѓаните потрошиле 119 милиони евра. За интернет нарачки од картичките лизнале 73,2 милиони евра, а останатите 24,8 милиони евра се  пари кои биле повлечени како готовина од банкомат.

Ако се подели целата сума со бројот на граѓаните во земјава излегува дека секој од нас па и бебињата во текот на годината потрошил по барем сто евра во странство во просек.

Најнови вести