Актуелно 22.11.2023 09:22

Во Скопје неформален состанок на лидери на НАТО сојузници од регионот

Во Скопје неформален состанок на лидери на НАТО сојузници од регионот

Во Скопје, генералниот секретар на НАТО Столтенберг ќе претседава со состанокот на земјите-членки на Алијансата од регионот. На денешниот неформален состанок на лидерите на НАТО сојузници, ќе разговараат за Западен Балкан и безбедносните прашања во поширок контекст, како што е руската воена агресија против Украина и активностите во регионот.

Столтенберг, вчера на прес-конференција со премиерот Ковачевски рече дека одржувањето на регионалниот состанок во Скопје е признание за важноста на улогата што Северна Македонија ја игра во оваа Алијанса и покажува, како што кажа, колку ние го цениме фактот дека вие сте полноправна членка.

На средбите со државниот врв и пред пратениците, посочи дека руско влијание во регионот има, но нема капацитет за дестабилизација.

-Исходот од декемврискиот Самит на ЕУ зависи само од нас, односно од тоа дали опозицијата ќе се надмине себе си за усвојување на уставните измени, изјави Ковачевски.

Освен со премиерот, Столтенберг се сретна и со претседателот на Собранието, Талат Џафери и со претседателот Стево Пендаровски. На средбата во вилата Водно разговарале за идната соработка, регионалните безбедносни прашања и за состојбите во поширокиот регион во контекст на руската агресија врз Украина и случувањата на Блискиот Исток. ()