Економија 22.01.2024 08:50

Волстрит достигна рекордни нивоа, европските берзи паднаа

Волстрит достигна рекордни нивоа, европските берзи паднаа

На Волстрит минатата седмица берзанските индекси пораснаа, при што индексот S&P 500 достигна рекордно високо ниво, но европските берзи паднаа бидејќи стивнаа очекувањата дека Европската централна банка (ECB) ќе ги намали каматните стапки во март.

На њујоршки Волстрит, Dow Jones минатата седмица зајакна 0,7 отсто, на 37.863 поени, додека S&P 500 порасна за 1,2 отсто, на 4.839 поени, а индексот Nasdaq порасна за 2,2 отсто, на 15.310 поени.

Во петокот S&P 500 го достигна највисокото ниво во историјата, но почетокот од седмицата не навести таков развој на настаните. Во првите два дена од минатата седмица цените на акциите паднаа, бидејќи стивнаа шпекулациите за намалување на каматните стапки на американската централна банка Federal Reserve (Fed) веќе во март, имајќи предвид дека податоците укажуваат на стабилен економски раст.

Дополнително, челниците на Fed велат дека нема потреба да се брза со намалување на каматните стапки. Уште пред десет дена се проценуваше дека има речиси 80 отсто шанси Fed да ги намали каматните стапки во март, но сега тие шанси се намалија на само околу 50 отсто.

Но, во четвртокот дојде до пресврт на пазарот, што најмногу се должи на закрепнувањето на технолошкиот сектор, по оптимистичките прогнози за побарувачката на чипови. Акциите на „Taiwan Semiconductor Manufacturing“ (TSMC) тој ден скокнаа за речиси 10 отсто, откако најголемиот светски производител на чипови по договор соопшти дека очекува приходите да пораснат за повеќе од 20 отсто оваа година во заднината на побарувачката на чипови со вештачка интелигенција.

Ова, исто така, ги зголеми цените на акциите на американските производители на чипови, вклучително и „Nvidia“ и „Advanced Micro Devices“. Нагло пораснаа и цените на акциите на „Apple“, „Microsoft“ и другите технолошки гиганти.

Благодарение на ова, во петокот индексот S&P 500 достигна рекордно ниво, надминувајќи го она од јануари 2022 година. Таа година, поради кризата со коронавирусот, S&P 500 потона за 19 отсто, но минатата година скокна за околу 24 отсто, а дополнително зајакна на почетокот на оваа година.

А на европските берзи цените на акциите паднаа минатата седмицаа. Лондонскиот FTSE индекс ослабе за 2,1 отсто, на 7.461 поен, додека франкфуртски DAX се лизна за 0,9 отсто, на 16.555 поени, а париски CAC за 1,3 отсто, на 7.371 поен.

Падот на индексот е последица на пораката од претставниците на Европската централна банка дека е рано да се размислува за намалување на каматните стапки. Поради тоа, стивнаа шпекулациите дека ECB ќе ги намали каматните стапки веќе во март, а сега се шпекулира дека тоа би можело да го направи во април. ()