На Волстрит, индексот S&P 500 во вторникот порасна седми ден по ред, што е најдолга позитивна низа во последните две години, бидејќи инвеститорите веруваат дека американската централна банка нема повторно да ги зголеми каматните стапки.
А на европските берзи вчера претпазливо се тргуваше. Лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,10 отсто, на 7.410 поени, а парискиот индекс CAC се намали за 0,39 отсто, на 6.986 поени. Франкфуртски DAX зајакна, пак, за 0,11 отсто, на 15.152 поени.
Во Њујорк, пак, индексот Dow Jones зајакна 0,17 отсто, на 34.152 поени, додека S&P 500 порасна за 0,28 отсто, на 4.378 поени, а индексот Nasdaq за 0,90 отсто, на 13.639 поени.
Благодарение на уверувањето на инвеститорите дека американската централна банка го заврши циклусот на зголемување на каматните стапки, минатата седмица берзанските индекси забележаа најголем неделен скок годинава, а позитивната серија продолжи и на почетокот на оваа седмица.
Така, S&P 500 вчера порасна седми ден по ред, а Nasdaq осми ден по ред, што е нивна најдолга позитивна серија од ноември 2021 година. Вчерашниот раст на S&P 500 и Nasdaq индексите најмногу се должи на растот на цените на акциите на „Amazon“, „Apple“, „Microsoft“ и некои други технолошки гиганти, на кои позитивно влијаеше падот на приносите на обврзниците.
Инвеститорите беа фокусирани и на изјавите на неколку функционери на американската централна банка Fed, кои беа многу внимателни. Тие не сигнализираа ниту натамошно зголемување, ниту неодамнешно намалување на каматните стапки. Нивните пораки може да се сведуваат на фактот дека економијата сѐ уште силно расте, што значи дека може да се избегне рецесија. Но, инфлацијата и натаму е многу висока, па се чекаат нови податоци кои ќе покажат дали треба дополнително да се корегира монетарната политика.
Претседателот на Fed, Џером Пауел, ќе се обрати во среда и четврток.
„Денеска главната приказна беше дека циклусот на покачување на каматните стапки е завршен, а вчера дека можеби сè уште не е. Пауел веројатно ќе ја остави отворена вратата за натамошни зголемувања на каматните стапки“, вели Кен Полцари, партнер во „Kace Capital Advisors“.
Повеќе од една година, движењата на пазарот најмногу зависат од шпекулациите за тоа кога централните банки на западните земји ќе го завршат циклусот на зголемувања на каматните стапки и на кое ниво на камати ќе заврши тој циклус. Во иднина, пак, најмногу ќе се шпекулира на кои нивоа и во кој период ќе се намалуваат каматите.