Актуелно 01.07.2026 09:15

„Вози одморен“: Уморот и високите температури се сериозна опасност за возачите

„Вози одморен“: Уморот и високите температури се сериозна опасност за возачите

Со почетокот на летните одмори и зголемената фреквенција на патиштата, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата ја најавува летната превентивна кампања „Вози одморен“.

Портпаролот на РСБСП, Дејан Андоновиќ, во гостување на „Newsmax Balkans“ посочи дека летните месеци носат дополнителни ризици за сите учесници во сообраќајот – возачи, мотоциклисти, велосипедисти, корисници на тротинети и пешаци.

Според него, уморот е една од најголемите опасности за возачите кои патуваат на подолги релации. Затоа, граѓаните треба да тргнуваат на пат одморени, концентрирани и со целосно технички исправно возило.

„Возете два часа, одморете, напијте се вода, кафе, протегнете ги нозете и потоа продолжете“, порача Андоновиќ, нагласувајќи дека возењето три или повеќе часа без пауза може сериозно да ја намали концентрацијата.

Тој предупреди дека високите температури, гужвите и нервозата дополнително влијаат врз однесувањето во сообраќајот. Како што рече, „гужвата не е изговор за неотдоворност и нервоза“.

Од РСБСП апелираат пред секое патување да се проверат моторот, маслото, течностите, сопирачките и пневматиците, бидејќи летните горештини и жешкиот асфалт дополнително го оптоваруваат возилото.

Андоновиќ потсети дека одговорноста важи подеднакво и за кратки и за долги релации. Без разлика дали се патува до блиска дестинација во Македонија или надвор од државата, возачите мора да ги почитуваат правилата, ограничувањата на брзината и сообраќајната култура.

Во рамки на кампањата, која почнува на 2 јули, ќе се спроведуваат теренски активности на патарините, каде на возачите ќе им се делат флаери и вода за разладување.

Од РСБСП упатуваат апел до сите учесници во сообраќајот да бидат внимателни, трпеливи и одговорни, бидејќи безбедноста на патиштата зависи од однесувањето на секој поединец.