Економија 10.05.2018 12:33

Walmart го доби наддавањето за Flipkart

Walmart го доби наддавањето за Flipkart

Американскиот синџир на хипермаркети „Walmart“ постигнал договор и ќе ја преземе контролата над индиската компанија за електронска трговија „Flipkart“, најави главниот извршен директор на „SoftBank“, Масајоши Сон.

Договорот е склучен во вторникот вечерта по јапонско време, коментира Сон во рамките на прес-конференција, на која ги објави финансиските извештаи на „SoftBank“.

Тој не открива повеќе детали за договорот. Потврдата става крај на многуте гласини и шпекулации дали американскиот гигант ќе склучи договор со индискиот стартап.

Во моментов „SoftBank“ е еден од најголемите акционери во „Flipkart“. Според гласините технолошкиот гигант ќе му го продаде целиот свој удел на „Walmart“ во рамките на трансакцијата.

„Flipkart“ има 100 милиони корисници според веб-страницата на компанијата. Индија, чие население е над 1,3 милијарди лица, се радува на брзиот раст на својата дигитална економија со развојот на стартапи за електронска трговија, како „Snapdeal“ и „Paytm“.

Инвестицијата покажува дека „Walmart“ го надмина американскиот конкурент „Amazon“ на еден клучен растечки пазар. Во 2016-та година, главниот извршен директор на „Amazon“, Џеф Безос објави дека неговата компанија ќе инвестира 3 милијарди долари во Индија. „Amazon“ исто упатила понуда за мнозинскиот удел во „Flipkart“, тврдат извори.

За „Walmart“ сегашната зделка го бележи најновиот потег на компанијата кон проширување на нејзиното меѓународно присуство.