Македонската економија мора итно да се реорганизира и треба добро да се планира што понатаму, бидејќи по Германија и Велика Британија, деновиве веќе цела еврозона влезе во рецеција. Оваа тема не смее да се игнорира, навреме треба да се разговара и да се преземат мерки, а важно е и каква ќе биде оптималната потрошувачка економија. Ова е ставот на Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерацијата, кој за весникот ВЕЧЕР вели дека компаниите и општеството не може да бидат оставени сами на себе да се справуваат со тоа, оти тоа повлекува евентуално отпуштање од работа, евентуално намалени приливи, намалено полнење на буџетската каса, намален девизен прилив и може да се намалат уште многу други параметри.
Целата европска економија поминува низ сериозни турбуленции. Според последните статистики, БДП низ еврозоната се намалил за 0,1 отсто во првиот квартал од оваа година, што е пониско од претходната проценка. Како што велат анализите, ова уследило по намалувањето на БДП од 0,1 отсто во четвртиот квартал од минатата година, што значи дека еврозоната се намалува два квартала по ред, а тоа е стандардна дефиниција за рецесија.
Бошков дообјаснува дека кога станува збор за рецесијата во Германија и во целата ЕУ, има неколку параметри што треба да се земат предвид и што треба да бидат јасни.
– Германското општество ги објавува состојбите во германската економија и точно и јасно се знае што може да се очекува, што може да се случува и на кој начин може да се надмине тоа. Како еден од најголемите економски партнери на Македонија, мораме да бидеме сигурни, да добиеме параметри и да направиме план. Да добиеме поттикнување и информации на кој начин ќе можеме да го надминеме минусот од намалената соработка и од планираната соработка со Германија – вели Бошков за весникот ВЕЧЕР.
Тој нагласува дека, како економија, треба да најдеме начин како ќе ги надминеме минусот во соработката и мунусот на очекуваната трговска, економска, социјална размена со ЕУ и со Германија.
– Затоа компаниите и општеството не може да бидат оставени сами на себе да се справуваат со состојбата, оти тоа повлекува евентуално отпуштање од работа, евентуално намалени приливи, полнење на буџетската каса, девизен прилив и уште многу други параметри. Мораме да се реорганизираме или добро да планираме како понатаму и со каква оптимална потрошувачка економија. Тоа е најважно, да се разговара и да се договараме за оваа сериозна тема – укажува Бошков.
Проценки на Светска банка за македонската економија
Рецесијата во еврозоната ќе има директно влијание врз нашата економија и, како што велат експертите, тоа ќе се манифестира преку забавен економски раст. Според последните податоци на Државниот завод за статистика, инфлацијата во Македонија е нешто над 11,3 отсто. Проценките на Светска банка се дека економијата на Македонија годинава ќе забележи раст од 2,4 отсто, а идната 2024 година – раст од 2,7 отсто. Светска банка предвидува дека целиот регион на Западен Балкан годинава ќе ја заврши со економски раст од 2,6 отсто.
Од земјите во регионот, годинава најголем економски раст ќе забележат Косово 3,7% и Црна Гора 3,4%. Албанија ќе има раст од 2,8%, Босна и Херцеговина, 2,5%, Србија 2,3%, Хрватска 1,9%, а Бугарија 1,5%. Во однос на глобалните перспективи, Светска банка очекува годинава економскиот раст да забави и да изнесува 2,1% во однос на минатогодишните 3,1%.
Војната во Украина – причина за зголемената инфлацијата и за падот на БДП
Инфлацијата во еврозоната се должи, пред сè, на падот на европската економија, која е погодена од нарушувањето предизвикано од војната во Украина, како и од растот на цените на енергијата и на храната. Најголем пад е забележан во Ирска, каде што БДП паднал за 4,6 отсто во првиот квартал од оваа година. Економијата на Литванија се намалила за 2,1 отсто, додека на Холандија за 0,7 отсто. Германија, најголемата европска економија, паднала за 0,3 отсто и, исто така, е во рецесија.
Инфлацијата предизвика серија зголемувања на каматните стапки, а Европската централна банка се обидуваше да се справи со зголемената инфлација.
Највисок раст на БДП во однос на претходниот квартал забележала Полска, која има раст на БДП од 3,8 отсто, потоа Луксембург со раст од два отсто и Португалија со раст од 1,6 отсто.