Банкарство 01.02.2024 08:08

За новите задолжувања на граѓаните просечна каматна стапка од 5,02, за новите депозити 2,42 проценти

За новите задолжувања на граѓаните просечна каматна стапка од 5,02, за новите депозити 2,42 проценти

На вкупните кредити што ги користат населението и компаниите во декември лани е пресметувана просечната каматна стапка од 5,47 проценти. За парите доверени како депозити важела просечна стапка од 1,79 проценти.

Последните податоци од Народната банака покажуваат дека во текот на последниот месец од минатата година каматните стапки за кредитите забележале минимален од 0,01, а за депозитите раст од 0,05 процентни поени. Годишен раст има во двата сегменти, за 1,03, односно 0,93 процентни поени.

За новоодобрените задолжувања каматата била со просек од 5,21 процент. Намалена е за 0,17 п.п. на месечна, а зголемена за 0,38 п.п. на годишна основа. Кај новопримените депозити стапката има и месечен и годишен раст од 0,09 п.п. и 1,03 п.п., а изнесува 2,37 проценти.

Во декември лани, за вкупните кредити на корпоративниот сектор просечната каматна стапка е намалена за 0,03 п.п. на месечно ниво и изнесува 5,33 проценти. Минималниот пад е заснован на надолното придвижување на каматите важечки за девизните и за денарските кредити без валутна клаузула. На годишна основа се бележи раст од 1,49 процентни поени.

Кај каматите за новите задолжувања декемврискиот пад е 0,09 п.п. и просечната стапка е 5,30 проценти. Сепак, за една година има раст од 0,28 п.п.

По месечното намалување од 0,17 п.п., стапката на вкупните депозити на овој сектор изнесува 2,06 проценти. А, во споредба со декември 2022, оваа каматна стапка е зголемена за 0,72 п.п.

Наспроти тоа, каматната стапка на новопримените депозити на месечна основа се движи по нагорна линија – за 0,48 п.п. и изнесува 2,19 проценти. На годишна основа, пак, е повисока за 1,10 процентни поени.

Во декември немало корекции кај каматната стапка на вкупните кредити на домаќинствата. Според анализите на Народната банка, на годишно ниво е евидентиран раст од 0,58 п.п.

Просечната стапка на новоодобрените кредити изнесува 5,02 проценти. Намалена е за 0,33 п.п. на месечно ниво, а на годишно – раст од 0,64 п.п.

Месечен раст од 0,07 п.п. остварила стапката на вкупните депозити од граѓаните, која во декември е на ниво од 1,76 проценти. Годишната промена е за 0,95 п.п.

Стапката пресметувана на новите депозити е 2,42 проценти. Во декември паднала за 0,04 п.п., а за една година нараснала за 1,02 процентни поени, покажуваат декемвриските податоци што ги објави Народната банка.