За речиси 10 проценти намалена владината субвенција во сметките за струја. Во некои фактури за јануари пак, надоместокот од 200 денари за пристап до мрежа повторно ќе го има.
Државната помош во фактурите наместо 91,5 отсто, може да се види дека сега изнесува 82,4 проценти. Тоа е нешто пониско од она што го пресмета вицепремиерот Битиќи, кој пред извесно време кажа дека субвенцијата за електрична енергија треба да биде 84 отсто.
Претходно и надлежните најавија дека ќе има корекција во субвенцијата затоа што цените на берзите се стабилизирани, трошокот на ЕСМ да обезбеди струја е намален, а дополнително влијание за кратење на субвенцијата има и воведувањето на дневната евтина тарифа, од два часа во текот на денот.
Периодов и дел од граѓаните се пожалија на повисоки фактури за електрична енергија, па од тука се поставува прашањето, дали за тоа има влијание и намалената субвенција.
Во сметките за јануари пак ако во периодот за наплата има денови и од декември, тие граѓани повторно ќе го имаат надоместокот од 200 те денари за пристап до мрежа. Останатите кои во период на наплата имаат чиста фактура со денови од јануари и февруари, овој надоместокот нема да го имаат. Пред извесно време и од Регулаторната комисија најавија дека за еден месец трошокот за пристап ќе биде тргнат.
Но, има добра вест за граѓаните. Сметките за парно, повторно се субвенционирани.
Од стартот на грејната сезона поддршката во овие фактури можеше да се забележи дека ја нема. Но, во јануарската сметка владината помош повторно се појавува. Сепак, неизвесно е дали и како ќе им се надомести трошокот за топлинска енергија на домаќинствата за фактурите кои беа без субвенција.
За да се испорачуваат сметки со владина поддршка, државата во ЕСМ префрла пари од буџетот кој го полнат граѓаните и фирмите, но се нарекуваат субвенции за електрична и топлинска енергија. ()