Финансии 04.12.2023 10:34

ЗА ПЕТ ГОДИНИ НАРОДОТ УПЛАТИЛ 17 МИЛИЈАРДИ ЕВРА ВО БУЏЕТОТ – Кој што добил?

ЗА ПЕТ ГОДИНИ НАРОДОТ УПЛАТИЛ 17 МИЛИЈАРДИ ЕВРА ВО БУЏЕТОТ – Кој што добил?

Денес, Предлог-Буџетот за 2024 година ќе се најде на матичната Комисија за финансирање и буџет. Буџетот на својата приходна страна тежи малку над пет милијарди евра, а на расходната над 5,5 милијарди евра. Предвидени се 2,6 милијарди евра за социјални трансфери, за плати и надоместоци 669 милиони евра, за стоки и услуги има над 411 милиони евра, за капитални проекти речиси 733 милиони евра.

Во моментов, додека се подготвува новиот Буџет и додека се спрема уште една прераспределба на овој што го трошиме, податоците на Министерството за финансии покажуваат дека заклучно со 30 ноември реализирани се 88,1% од планираните приходи во државната каса, или 4,7 милијарди евра. На расходната страна, пак, податоците велат – потрошени се 4,5 милијарди евра, или 82,3% од она што е планирано. Капиталните проекти се реализирани 71,3 отсто во однос на планот и за нив се потрошени 520,5 милиони евра.

СКРОЕНА БУЏЕТСКА ДУПКА ОД 2,5 МИЛИЈАРДИ ЕВРА

Во време додека се носи нов Буџет, „Пари“ се осврнува на тоа што се направи во изминатите пет години. Податоците покажуваат дека народот во државната каса уплатил речиси 17 милијарди евра. Истовремено, по разни основи се потрошени 19,45 милијарди евра. Значи, во овој период буџетската дупка, која морала да се закрпи со позајмици, е безмалку 2,5 милијарди евра. Паралелно со тоа, морало да се позајмува и за отплата на веќе направени и доспеани долгови.

ЗА КАПИТАЛНИ ПРОЕКТИ – 1,6 МИЛИЈАРДИ ЕВРА

Порталот „Пари“, врз основа на завршните сметки објавени од Министерството за финансии, направи анализа на трошењето. Податоците покажуваат дека за овој петгодишен период за капитални проекти – инфраструктура, болници, градинки, канализации… се потрошени 1,6 милијарди евра Во однос на вкупните расходи тоа е 8,2 проценти. Капиталните проекти се тие што се сметаат за равојна буџетска компонента. Тие треба да создадат подобри услови во општеството, но и повисок економски раст.

Секако, за да функционира една држава неопходна е и администрација, мора да функционира јавниот сектор, здравството, училиштата, општините. Луѓето што работат мора да бидат платени. Друго е прашањето на ефикасноста на администрацијата, во услови кога кој и да дојде на власт ги обвинува другите за партизација и ниска продуктивност. Податоците покажуваат дека за плати и надоместоци во пет години се потрошени околу 2,4 милијарди евра, или 12,4% од сите расходи.

И покрај сите декларативни заложби дека ќе се намалат трошоците за стоки и услуги, тие растат. Но, мора да се земе предвид и инфлацијата која ги зголемила цените. Факт е дека за пет години, за потрошен материјал и услуги, државата платила над 1,4 милијарди евра, или 7,2 проценти од сите расходи во таа петолетка.

Секако, при анализата на полнењето и трошењето на буџетите во изминатите пет години мора да се земат предвид исклучително тешките околности, периодот на корона–кризата, енергетската криза и високата инфалција предизвикана од војната во Украина.