За нас моделот за субвенционирање на летови на нови компании на нови дестинации од скопскиот и охридскиот аеродром е сосема прифатливо. На оваа теме бевме на разговори со министерот за транспорт и врски пред да биде објавен моделот за субвенционирање и видовме дека кај државата има голем интерес да се зголеми бројот на патници во авиосообраќајот.
Нашата проценка е дека овие субвенции ќе имаат голем ефект на зголемувањето на бројот на нови дестинации, оперирање на нови авиокомпании од скопскиот и охридскиот аеродром и зголемување на бројот на туристи во Македонија, изјави Неџат Курт, директор на ТАВ Македонија.
На средбата на македонските новинари со менаџментот на турската компанија ТАВ аеродроми во Анталија, беше кажано дека мерката на македонската влада за субвенционирање на летови на нови дестинации веќе го привлече вниманието на повеќе авиокомпании кои пројавија интерес летање од Скопје и од Охрид.
ТАВ Македонија во моментов работи на план за развој на авиосообраќајот во Македонија за наредните 20 до 30 години и веќе во октомври овој план ќе биде презентиран пред Владата. Се работи за план за зголемување на бројот на летови, зголемување на капацитетите на аеродромите, ефикасноста и можноста за железничко поврзување на аеродромот со Скопје. Концесијата на ТАВ за двата аеродроми завршува во 2032 година, но оваа компанија уште од сега најавува дека има интерес повторно да ја добие концесијата.
Бројот на патници превезени од двата македонски аеродроми во 2010 година беше 640.000, а лани 3,1 милион патници. Во ТАВ Македонија работат повеќе од 1.000 вработени, а досегашните инвестиции во зградата, во опрема, во полетната патека, во даноци, во вработениците, концесија, во субвенционирање на авиокомпаниите, во новиот систем за прием на багажот… изнесуваат повеќе од 310 милиони евра.
Турската компанија ТАВ аеродроми оперира во 8 земји со 15 аеродроми. Во регионот ТАВ ја има концесијата на аеродромот во Загреб, а во моментов се чекаат резултатите од тендерот за аеродромите во Тиват и Подгрица, ра Гора. Лани на аеродромите на оваа компанија поминале 96 милиони патници.
Според извршниот директор на ТАВ аеродроми Серкан Каптан, компанијата во моментов инвестира повеќе од 2,5 милијарди евра во реконструкција на аердоромите во Алма Ата, Казахстан и Анталија и Анкара во Турција. Во ТАВ аеродроми работаат вкупно 40.000 вработени во 90 различни земји, а лани годишниот приход беше 1,3 милијарди евра.