Највисоки, милионски суми за „самовработување“ и за „нови работни места“, таргет млади невработени лица од 15 до 29 години. Со новиот Оперативен план за 2024 се предвидува вработување на 11.622, пред сѐ, млади луѓе, пишува Порталб.мк. Сепак, државните грантови се условени – враќање на парите доколку бизнисот пропадне или вработените останат без работа поради отказ или доброволно.
Планирано вработување на 11.622 пред се млади лица – потребна е системска контрола
Најпопуларна мерка за која е предвиден и највисок износ од 13,2 милиони евра е „Самовработување“. Според планот со оваа мерка се очекува 1.995 лица да отворат или формализираат сопствен бизнис. Висината на државниот грант се движи од 5.990 евра до 11.980 евра, во зависност на бројот на основачите на фирмата. Но доколку фирмата се затвори, и вработените се одјават од работен однос во првите две години, ќе мора да ги вратат парите на државата до максимален износ од 80%.
Според економистите, кога државата таргетирано доделува грантови важни се две прашања, дали мерките даваат ефект и дали има системска контрола за тоа како, на кого и колку пати се доделуваат средствата. Според професорот Лазар Јовевски ваквите мерки се оправдани но прашање е дали ефектите се видливи.
„Сведоци сме дека економско-финансискиот момент повеќе не е клучен фактор за заминување на младите во странство, па и на сите граѓани. Се работи за сет на причини кои директно или индиректно се причина за заминување, невладеење на правото, отсуство на политичко водство, криминал , корупција. Суштината повеќе не се само финансиите туку и квалитет на здравство, образование. За да посегнете да отворите сопствена фирма треба економска и политичка извесност, а тоа сега го немаме. Оттука според мене ваквите мерки за поддршка на младинска вработеност се ‘невидливи’, со вработување на 12 000 лица сликата во земјава нема да се промени“, вели професорот Јовевски.
Една од попопуларните мерки е „Поддршка за креирање на нови работни места“. Преку неа се предвидува вработување на 1 273 лица. Вкупниот износ за овој модел е 10,3 милиони евра а средствата се наменети за субвенционирање на вработувања , за раст на фирми а најголем дел, или половина од вкупниот износ е за вработувања на лица со попреченост. Таргет се долгорочно невработени лица до 29 години но и невработени постари од 50 години. Државата обезбедува 22.000 денари месечно како субвенција на платата на вработеното лице за период од 6 месеци. Преку мерката за раст на фирми финансиската поддршка за едно вработување се движи до максимални 17.800 евра.
Дел од експертите што ги консултираше Порталб велат дека за правично и праведно реализирање на мерките потребна е системска контрола. Односно дека точно треба да се знае кај кои физички лица и фирми, по кој основ се даваат средствата.
Износ Опфат на лица
Самовработување 13 233 500 евра 1 995
Поддршка за креирање на работни места 10 313 000 евра 1 273
Економија на грижа 2 100 000 евра 650
Трета мерка според висината на износот на државниот грант е „Економија на грижа“ за која годинава е предвиден фонд од 2,1 милион евра со кои треба да се обезбедат 650 вработувања. Оваа е една од поновите програми за вработување на лица на локално ниво во таргетирани сектори – социјални и здравствени услуги. Државата заедно со локалната власт обезбедуваат 13.754 денари по лице на месечно ниво. Дел од средствата се наменети и за обуки – 11.000 денари по лице а фирмата која ќе вработи веќе квалификувани лица ќе добие субвенција во бруто износ од 30.780 денари месечно по вработен.
Годинава за спроведување на сите мерки од Оперативниот план 2024 та предвиден е буџет од 32,4 милиони евра. Во меѓувреме се чека извештајот за резултатите од Оперативниот план за 2023 та. ()