Португалија по седум години силен раст на туристичките посети, кои се покажаа како особено значајни за економијата, во август годинава забележа пад на бројот на странските посетители за 2,0 отсто, според бројките објавени во официјални статистички податоци.
Националниот завод за статистика (INE), кој ги следи престојот во хотелите, соопшти дека во периодот од јануари до август бројот на странските туристи е зголемен за 0,5 отсто, на 8,6 милиони, што претставува голем застој во споредба со скокот од речиси 12 отсто од истиот период претходната година, објави „Ројтерс“.
Во текот на изминатата година Португалија ја посетиле рекордни 12,7 милиони туристи.
Намалувањето на бројот на странски туристи во август, традиционално најсилниот месец за патување, доаѓа по речиси трипроцентен пад во јули.
Приходите на хотелите, вклучувајќи го и домашниот туризам, продолжуваат да бележат раст – во периодот јануари-август се зголемени за 7,0 проценти на речиси 2,5 милијарди евра, наведува INE.
Во текот на целата мината година приходите на хотелите скокнаа за 17 отсто.
Просечниот престој во хотелите е опаднат за речиси 2,0 отсто на 2,8 ноќевања.
Туризмот и сите приходи поврзани со патување чинат преку 10 проценти од домашниот бруто-производ на Португалија, кој се очекува годинава да забави на 2,3 отсто во споредба со 2,7 отсто од претходната година, што беше најсилна економска експанзија во земјата од 2000.