Европејците се уште се изложени на прекумерни количини бисфенол А, штетна хемикалија позната како БПА, која со децении се користи во производството на одредени пластични производи, објави Европската агенција за животна средина. Примероците од урина собрани од граѓани во неколку земји покажаа дека изложеноста на хемикалијата БПА останува „добро над прифатливото ниво на здравствена безбедност“ и претставува потенцијален ризик за милиони луѓе.
БПА е синтетичка хемикалија која се користи во пластични и метални контејнери за храна, шишиња со вода и цевки за вода за пиење. Дури и во мали дози, оваа хемикалија може да го ослаби имунитетот, се вели во извештајот.
Покрај тоа, БПА може да предизвика неплодност и алергиски реакции на кожата. Бисфенол А и два други бисфеноли кои се користат како замена за БПА беа пронајдени во урината на 2.756 возрасни лица од 11 земји: Хрватска, Чешка, Данска, Франција, Финска, Германија, Исланд, Луксембург, Полска, Португалија и Швајцарија.
Нивото на пречекорувања беше помеѓу 71 и 100 проценти, соопшти ЕФА. БПА со години е забранета во пластични шишиња и амбалажи кои содржат храна за бебиња и мали деца во ЕУ. Уште во 2018 година беа воведени строги ограничувања за БПА во сите материјали кои доаѓаат во контакт со храната.
Бисфенол А е една од најкомерцијалните хемикалии во светот, која исто така се користела во производството на термичка хартија како развивач на бои. Оваа хемикалија веќе долго време се наоѓа на списокот на загрижувачки супстанци во Европската унија, а потоа Европската комисија донесе одлука да ја забрани, или да ја ограничи употребата во термичка хартија.
Оваа одлука стапи на сила на 1 јануари 2020 година. Согласно европската регулатива, со која е усогласен и нашиот закон, компаниите кои произведуваат, увезуваат или дистрибуираат производи кои содржат супстанци од интерес, како што е бисфенол А, се должни да ги информираат сите учесници во синџирот на снабдување, како и потрошувачите.