Одложена за утре е седницата на која денес требаше да се гласаат уставните измени во Собранието на Република Македонија.
Владејачката СДСМ беше убедена дека над 80 пратеници ќе гласаат ЗА, со што ќе го обезбедат двотретинското мнозинство кое е потребно.
Пред пратениците се обрати премиерот Зоран Заев, каде тој побара од пратениците да дадат поддршка за уставните измени, велејќи дека со тоа ќе помогнат за прогресот на Македонија кон НАТО и ЕУ, а во обратен случај би довеле до изолација.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, по говорот на Заев, на изненадување на сите, ја одложи седницата велејќи дека им дава на пратениците време да го прочитаат резимето на премиерот. Овој потег изгледаше како паничен обид да се купи време и да се избегне она што тие сигурно не го посакуваат-недоволно гласови.
Пред да дојде оваа точка на дневен ред, владејачкото мнозинство се “преброи“ при гласањето за точките за усвојување на дневниот ред. Резултатот не им се допадна.
Од 97 присутни пратеници, ЗА гласаа 78. Се уплашија ли Џафери и Заев дека и за уставните измени нема да имаат 80 гласа, па побрзаа да си купат уште еден ден за убедување или други мерки со кои би дошле до потребното мнозинство?
Изгледа СДСМ и ДУИ не ја добија доволната поддршка од народните избраници, па двотретинското им виси на конец.
Заев ова го покажа и во дел од својот говор каде им се заблагодари на пратениците кои ќе гласаат ЗА уставни измени, а имаше и паничен обид да ги предомсили останатите да гласаат за реализација на штетниот договор со Грција.
Паниката кај првите луѓе на македонската Влада и македонското Собрание е сигурно поголема бидејќи се соочени со резултатите од референдумот каде граѓаните со бојкот кажаа дека промена на името не дозволуваат.