Актуелно 20.08.2018 19:34

Заев им ветуваше живот, а им донесе голгота: Овоштарите на големи маки чекајќи на слухот од власта

Заев им ветуваше живот, а им донесе голгота: Овоштарите на големи маки чекајќи на слухот од власта

Во предизборието, додека да дојде до нивните гласови, Зоран Заев на земјоделците им ветуваше се и сешто. Денес, кога тој е премиер на Република Македонија, земјоделците едвај преживуваат и минуваат низ тешка голгота.

Производителите на сливи денес излегоа на протест. Велат, вложиле многу пари и труд, а откуп на сливите нема. Државата остана глува на сите нивни повици, па тие се решија вака да го изразат својот револт.

Единствено што бараат е да им се исполнат ветувањата кои ги добиле. Вака, оставени сами на себе, велат дека тие и нивните семејства едвај сврзуваат крај со крај. Ни трага од “животот“ за земјоделците кој го ветуваше актуелниот премиер.

-Бараме три денари за откупена слива. Имаше претставници од Министерството за земјоделие, ни кажаа дека од среда ќе дојдат трговците да купуваат. Ако е така ќе прекинеме со протестот, ако не е така од четврток натаму ќе бараме да доаѓаат и проценители и за сливата што останува на нивата да ни плаќаат. Во нашава држава, било кој да изрази некакво незадоволство, тоа станува политика. Тука има само овоштари, кои трпат загуби и веќе не знаеме како да ја поминеме годината. Само јас имам загуба од 300 тона, а за нив имам вложено да ги произведам 15.000 евра и голема работа, вели производителот Атанас Ангеловски од село Град.

Агрономот Раде Манасиевски  кој со децении работи со производство на овошја како сливата и јаболката, вели дека никогаш не им било потешко на земјоделците.

-Сме имале и во претходните години вакви проблеми како хиперпродукција, зголемено производство, но никогаш не било како оваа година. Секогаш имало откуп, имало проблеми со цените, но за пласман на производството никоја година до ден денешен немало проблем. Јас сум 30 години во оваа бранша. Пред 10-15 години и јас купував и извезував сливи, но во тоа време имаше натпревар меѓу цените. Оваа година што е трагедија, воопшто нема откуп, никој не прашува за цена. Сега имаме хиперпродукција, квалитетот е добар, порано сливата ни стаса за берба. Нашите капацитети во Македонија се ограничени…. Министерството треба да превземе мерки, треба на лице место со луѓето производители да разговараат, да се најде некој начин бидејќи сега слушнав еден производител убаво кажа, дека нас не снајде катастрофа, истакна агрономот.

Голема мака со која се соочуваат овие земјоделци е фактот што родот скапува додека се чека откуп. За да им се реши проблемот, тие алармираат затоа што немаат време за чекање.

За да не пропадне родот, овоштарите се согласни на тоа што им се нуди, но само доколку се оствари најавеното.

– Поради топлото време сливата веќе почнува да се расипува. Мора што побргу да се реагира, ниска е цената за откуп од пет денари и дополнителни два денара од државата, ама сепак ќе се согласиме и на тоа, рече овоштарот Трајчо Стоилов.

Манасиевски вели дека сливата итно треба да се собере од нивите. Во спротивно, се јавува ризик од појава на болеста монилија.

-Родот поскоро треба да се складира, бидејки ќе се појави болеста монилија, а со тоа ќе се создадат нови проблеми за натамошниот род. Затоа апелирам, Министерството да смогне сили да најде решение, за да не се повтори 1984 година кога од преголемиот род, дрвјата од насадот со сливи се скршија и штетата беше ненадоместлива, рече Манасиевски.

Наспроти денешната тажна слика од овошјето кое скапува додека одгледувачите се мислат како ќе преживеат, стои сликата која Заев им ја претстави на земјоделците за она што им го ветува. Но, наместо живот, им сервираше големи маки.

-Цел свет има недостаток на храна, а нашиот земјоделец е најсиромашен на свет. До кога? Зошто? Ние не бараме од политичарите да копаат по нивите, да берат, да кројат и да продаваат. Бараме од нив да отворат пазар и да обезбедат пласман на земјоделското производство. Затоа ветувам, како идна влада, ќе ги отвориме пазарите кои што се затворени за Македонија – Русија, Белорусија, Украина, Молдавија, Блискиот Исток. Ќе ги унапредиме со Европската Унија и бившите републики од СФРЈ, за да обезбедиме конкуренција, натпревар помеѓу откупувачите. Да донесеме колку може повеќе откупувачи овде, да се тепаат, да се натпреваруваат кој ќе плати повеќе, тој да го добие земјоделското производство. Тогаш ќе има пари кај земјоделците, тогаш ќе може да остане користа и ќарот кај земјоделскиот производител. Ќе правиме бартер-аранжмани. Ја гледам Кина, сака да финансира евтини кредити кон Македонија, па може да земе дел од земјоделските производи. Украина и Русија сакаат да купуваме железо од таму, ќе земат за возврат земјоделски производи, ама ќе обезбедиме живот за земјоделците, по достоинствени цени. Ќе се бориме за пласман во земјоделското производство со достоинствени, високи цени, каде што ќе биде вратена гордоста на земјоделецот. Мојата мајка беше наставник по биологија и хемија, па работевме земјоделие оти морав на студии, за да извадиме нешто пари повеќе. Ама се вадеше пари тогаш од земјоделството. Ќе го вратиме тоа време, вети тогаш Заев на предизборен митинг во Гевгелија.

Најнови вести