Актуелно 27.03.2020 14:21

Заев излажа: Нема одложени кредити за сите граѓани, наместо генерален мораториум, донесена само уредба

Заев излажа: Нема одложени кредити за сите граѓани, наместо генерален мораториум, донесена само уредба

Банките се тие кои ќе одлучуваат каква понуда ќе им дадат на своите клиенти, но извесно е дека нема сите граѓани да добијат можност да го одложат плаќањето на дел од ратите за кредити.

Управните одбори на банките ќе донесат одлука за мораторум од 3 до 6 месеци на сите кредити, но тоа нема да важи за оние за кои ќе проценат дека не се погодени од корона-кризата.

Иако беше најавено дека ќе се прогласи генерален мораториум, тоа не се случи. Донесена е само уредба за промена на договорните услови.

Уредбата ќе важи за потрошувачки, станбени, хипотекарни, автомобилски кредити, кредитни картички, дозволено пречекорување или минусна плата и кредити кои се подигнати од страна на фирма. Но, сè уште останува нејасно врз кои критериуми банките ќе одлучуваат какви понуди ќе нудат.

Тоа што во реалноста се случи е далеку од тоа што екс-премиерот го најави. Заев пред една недела  најави дека следува поместување на плаќањето на кредитите и одлагање на извршувањата од извршителите.

-Априлската рата и фирмите и граѓаните погодени од кризата ќе можат да ја платат во јули месец и ако требало да ја платат во април имаат уште 12 рати кои што им завршуват во април 2021 година, почнувајќи сега со тој мораториум да плаќаат од јули 12 рата ќе им заврши во јули 2021 година. Тоа значи дека имаме буквално поместување за три месеци. Во овие три месеци и десет дена ќе се случи и стопирање на сите извршители, истакна Заев во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21.

Но, откако вчера со детално соопштение излезе Народната банка на Република Македонија, се покажа дека Заев, по којзнае кој пат, не ја говорел вистината.

-Донесена е Уредбата со која се утврдува како ќе можат банките и штедилниците во текот на вонредната состојба, на граѓаните и на фирмите, да им понудат одложување на исплатата на ратите и други поволности со коишто ќе им го олеснат отплаќањето на кредитите за време на корона-кризата. Уредбата е подготвена од Народната банка, Министерството за финансии и Македонската банкарска асоцијација, со цел, во текот на вонредната состојба, поедноставно и побрзо да се остварат можностите дадени со регулаторните измени донесени од Народната банка, насочени кон олеснување на финансискиот товар на граѓаните и на фирмите коишто заради корона-кризата се соочуваат или би можело да се соочат со реални потешкотии во исплатата на кредитите во банките и штедилниците. Со Уредбата се овозможува побрза и поедноставна промена на договорните услови за кредитите, без да се загрози јавното здравје – без да се посетуваат експозитурите и филијалите и без да се чека во ред на шалтерите заради потпишување на анексите на договорите, велат од НБРМ.

Со Уредбата е утврдено дека ако физичкото лице, во рок од десет дена од објавувањето, односно од добивањето на понудата, писмено или електронски не ја извести банката/штедилницата дека го одбива понуденото олеснување на финансискиот товар, ќе се смета дека понудата за промена на договорните услови е прифатена.

За да ги искористат понудените поповолни договорни услови, правните лица ќе треба писмено или електронски да ја известат банката или штедилницата дека ја прифаќаат понудата. Ако правното лице не го стори тоа во рок од десет дена, во согласност со Уредбата ќе се смета дека понудата не е прифатена.

Останува и правото на кредитокорисниците да се обратат до банките и штедилниците, доколку оценат дека има потреба од тоа. Притоа, предвидено е тие да можат се обратат електронски или писмено, а одговорот ќе го добиваат преку електронска комуникација.

Македонската банкарска асоцијација појаснува дека мерките не значат мораториум.

-Заради отстранување на било какви дилеми и шпекулации, би сакале да појасниме дека овие мерки не значат мораториум на отплатата спрема банките и штедилниците, туку даваат можност на брз и ефикасен начин да се излезе во пресрет на сите оние на кои тоа им е потребно во моментов и месеците кои се пред нас. Сите сме дел од ова општество и оваа економија и затоа е потребно со внимателно управување со ресурсите со кои располага нашата економија на најдобар можен начин да се соочиме со проблемите и кога оваа криза ќе помине да продолжиме со најмали можни последици за секое наше семејство, компанија, нашиот економски и финансиски систем и општеството во целина. Нашите членки, банките, штедилниците, Клириншката куќа и Македонското кредитно биро ќе дадат максимален придoнес во тој правец, се наведува во соопштението.