Актуелно 14.10.2020 15:47

Заев ја намалува администрацијата со нови вработувања?!

Заев ја намалува администрацијата со нови вработувања?!

Во Македонија со новата влада се најавува намалување на бројката на вработени во администрација. Но, сето тоа се прави со нови вработувања?!

Премиерот Зоран Заев за време на кампањата помпезно најавуваше чистка на администрација за околу 20% со образложение дека истата е трома и неефикасна. Но, за тоа време министерството за политички систем и односи меѓу заедниците на платниот список има околу 1.400 формално вработени лица, а работат 44 лица.

ВДОМУВАЊЕ

Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците нема свои простории и затоа дел од вработените 44 лица кои ги извршуваат работните обврски се стационирани до кабинетот на министерот Артан Груби. Другите вработени се стационирани во другиот дел од владината зграда, а останатите се наоѓаат во зградата на министерство за земјоделие.

Официјалните податоци од Министерството за финансии покажуваат дека Министерството за политички систем за 2020 година има буџет од 542.785.000 денари, од кои трошоците за вработените за плати изнесуваат 523.665.000 денари.

Практично, Министерството скоро сите пари ги троши на вработените, чија бројка, според регистарот на Министерството за информатичко општество и администрација, заклучно со минатата 2019 година изнесува 1.460 лица. Во меѓувреме, велат од Министерството за политички систем, оваа бројка паднала на 1.401.

Министерството сѐ уште не е екипирано и не работи во полн капацитет, но затоа троши големи буџетски пари, како резултат на големиот број вработени.

ГОЛЕМИ ВЕТУВАЊА, МАЛИ ОЧЕКУВАЊА

Јетон Шаќири во својата прва прес-конференција како нов министер за информатичко општество и администрација посочи дека анализите во јавниот сектор се почнати, се прават во соработка со Европската унија, а конечната слика со конкретните чекори ќе се знае во декември.

Не сакаше предвреме да калкулира колку со овој процес ќе се олабави пренатрупаниот административен кадар.

Но затоа премиерот Зоран Заев неодамна кога гостуваше во емисијата „Економски магазин“ на Алсат телевизија на едно од прашањата дали ќе има силна реформа за да може да се преструктуира стопантството, посочи дека еден начин за да се помогне во економијата е намалувањето на јавната администрација.

-Рековме 20 проценти намалување на администрацијата, тоа значи сигнал за кратење на непродуктивни трошоци за да ја помагаме економијата преку капитални инвестиции. Реформите мораат да се случат во државата. Јас кажав во една изјава сите сакаме швајцарски плати ама никако не ни се работи со продуктивност како што е просекот во западна Европа. Тоа мораме да го промениме сите, истакна Заев при гостувањето во емисија на Алсат телевизија.

И по бомбастичните најави на премиерот Зоран Заев, секој ден излегуваат огласи за вработувања во државната администрација, и тоа незаконски. Наместо вработувањата да се реализираат согласно материјалниот Закон за административни службеници, истите се спроведуваат повикувајќи се на општите закони за јавни службеници и работни односи.