Актуелно 11.07.2019 12:22

Заев се среќавал со човекот обвинет дека ја урна Владата на Себастијан Курц

Заев се среќавал со човекот обвинет дека ја урна Владата на Себастијан Курц

Рускиот комичар Алексеј Столјаров- лажниот „Петро Порошенко“ од сега веќе познатата снимка со Зоран Заев, со „Република“ ги сподели и пораките кои Заев му ги испраќал преку мобилна апликација.

Од пораките се гледа дека Заев мислел дека навистина го информира украинскиот претседател Порошенко за разговори со претставници на украинската Влада, и продолжува да бара негова помош за контакт со патријархот Вартоломеј, на кого Заев се согласи да му исплати 100.000 евра мито.

Веројатно најинтересна е пораката во која Заев открива дека стапил во контакт со контроверзниот пропагандист Тал Силберстин, човекот кој е осомничен дека го организирал падот на Владата на Себастијан Курц во Австрија. Во една од пораките до лажниот „Порошенко“, Заев испраќа фотографија во која седи во својата канцеларија во друштво со Силберстин, кој по се изгледа го посетил Скопје пред да отпатува за Киев. Фотографијата е проследена со пораката „здраво пријателу, ти го праќам овој човек утре рано изутрина“.

Руските комичари првично биле збунети од оваа порака од Заев, но потоа одговараат „а, Тал Силберстин, не го видов во сликата. Тој ми помага со кампањата“. Заев одговара: „знам, ти посакувам успех. Тал е одличен тип. Супер е“.

Овој контроверзен израелски државјанин долго време е активен во социјал-демократската политика и пропаганда низ Европа, особено во Австрија, каде се смета дека бил вмешан во аферата со снимањето на австрискиот министер за внатрешни работи Ханс Кристијан Штрахе, која ја урна Владата на канцеларот Себастијан Курц. Силберстин е долгогодишен пропагандист на австриската социјал-демократска партија СПО, каде формирал мрежа на интернет портали и фејсбук страници преку кои подметнувал лажни вести со кои ја обвинувал австриската десница дека се расисти и националисти. Во 2017 година Силберстин е уапсен под сомнение дека примил 400.000 евра од тогашниот социјал-демократски канцелар Кристијан Керн да ја води оваа мрачна кампања против десницата и особено растечката политичка ѕвезда Себастијан Курц. Поради пристапот кон пропагандата, името на Силберстин во Австрија станува синоним за ширење на лажни вести.

Курц ја презема власта на изборите во 2017 година, ги исклучи социјал-демократите од владејачката коалиција, и влезе во сојуз со третопласираната десничарска партија ФПО на Штрахе. Но годинава, непосредно пред изборите за европскиот Парламент, во јавноста протекоа снимки на кои се гледа како Штрахе разговара со наводна руска бизнисменка, и и нуди бизнис зделки во Австрија. Објавувањето на снимката доведе до пад на Владата на Курц и Штрахе. Курц директно го обвини пропагандистот Силберстин дека стои зад снимањето на Штрахе.

-Ако го погледнеме методот што е употребен, многу наликува на начинот на работа на Тал Силберстин, советникот на СПО од 2017 година. Тој користел слични методи низ целиот свет, изјави Курц по објавувањето на снимката на Штрахе.

Ова значи дека Заев се среќавал со контроверзен социјал-демократски оперативец осомничен дека користи тајни снимки и лажни вести за да дискредитира десничарски политичари, и веднаш потоа за средбата ги информирал руските комичари Вован и Лексус, кои пак тајно го снимале Заев.

Силберстин бил активен во политичката сцена на Израел, Романија, насекаде низ Јужна Америка, и секако во Украина. Неговите активности вообичаено ги следат контроверзи, како поради употребата на сомнителни методи и ширењето лажни вести за своите политички противници, така и корупциски скандали. Бил осомничен за корупција во Романија, како и во Израел, пренесува Република.