Актуелно 21.01.2020 11:27

Заев создава хистерија за договорот со Грција за да им се додвори на Албанците откако ги исполажа со ветувања за живот

Заев создава хистерија за договорот со Грција за да им се додвори на Албанците откако ги исполажа со ветувања за живот

Како што наближуваат изборите, сегашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ продолжува да заговара опасни идеи за укинување или поништување на Договорот од Преспа, истакна вчера поранешниот премиер Зоран Заев.

Во драматична прес-конференција тој се обиде да претстави дека не договорот од Преспа, туку неговото поништување е тоа кое ќе нанесе штета на Македонија.

Заев цитираше дел од изјавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, како и од членови на партијата, кои зборуваа за поништување на овој договор, кој го сметаат за штетен за Република Македонија.

-Неодамна, во октомври 2019 година, Христијан Мицкоски за српски медиуми укажа дека ако имаат 2/3 мнозинство, ќе се отворела можноста за чекор назад по однос на договорот, а за македонските медиуми рече дека ќе го укинеле догворот од Преспа. Советничката на Мицкоски, Каракамишева отворено побара да се укинат амандманите во Уставот, истакна Заев.

Екс-премиерот се плашел дека изјавите на функционери од ВМРО-ДПМНЕ, Грција можела да ги сфати како провокации.

Тоа од кое Заев реално треба да се плаши е ставот на граѓаните и нивната разочараност во него. По прашањето за договорот со Грција и промената на името, народот одамна му предочи што мисли.

65% од народот е против овој договор, па ова треба да е за Заев многу позагрижувачко отколку најавите на политичарите.

-Шеесет и пет отсто од македонските граѓани сметаат дека Македонија не треба да го промени името за да влезе во НАТО, покажа анкетата на институтот за демократија „Социетас Цивилис” спроведена на барање на Министерството за одбрана. Од испитаниците кои негативно се изјасниле за промена на името за сметка на влез во НАТО, 84 отсто се Македонци, 7,1 отсто Албанци и 8,9 отсто од другите заедници.

Анкетата беше спроведена пред референдумот, па на самиот референдум Заев уште еднаш се соочи со ставот на народот. Став кој сигурно не му се допадна и бојкот преку молк кој му кажа многу повеќе отколку што очекуваше дека е способен да добие.

Ако зборуваме за резултатите од анкетата само на Македонците, тогаш уште поголем дел од граѓаните се изјаснија за против.

Ова е само една од големите причини поради кои Заев сфати дека неговата поддршка се сведува на минимум.

На поранешниот премиер му е кристално јасно дека битката за освојување на македонското гласачко тело е изгубена. Соочен со сопствениот неуспех, Заев се врти кај Албанците надевајќи се дека тие повторно ќе го донесат на власт. Но, Албанците во Македонија беа жртва на бројни негови лаги и ветувања за живот кој никогаш не дојде во Македонија.

За договорот со Грција, Албанците  од старт даваа силна поддршка. Поради ова станува јасно дека со вчерашната прес-конференција Заев имаше за цел да создаде хистерија кај албанскиот народ кој живее во Македонија, бидејќи на оваа тема кај Македонците секогаш се соочува со изгубена битка.

Албанските гласови се тие кои Заев го донесоа на власт, па тој се “крсти“ дека и на претстојните избори ќе добие поддршка од албанското гласачко тело. Но, Албанците во Македонија му даваа поддршка на Заев верувајќи во неговите ветувања. Ветувања за кои од оваа дистанца е сосема јасно дека претставувале една голема лага.

Албанците стануваат жртва на популизмот на Заев

Му веруваа и останаа разочарани. Албанците од лидерот на СДСМ добија бројни ветувања со кои им се додворуваше пред изборите. Откако седна на власт, Заев заборави што им ветувал и не покажа ниту тронка грижа за нивните проблеми и очекувања.

Не им обезбеди 300 пилоти во Арачиново, не го направи водоводот во Вејце, не стави асфалт на кумановските улици. Заев не реализираше ниту еден голем проект на местата каде живее мнозинство албанско население.

Сака да игра на истата карта како минативе години, па Заев сега повторно се врти кон Албанците, создавајќи хистерија и обидувајќи се да ги убеди дека сите не чинат, само тој е добар.

Заев со популистички чекори во обид за лов на албански гласачи, во надеж дека Албанците и покрај тоа што не добија ништо, пак ќе му ја дадат довербата. Албанците стануваат жртва на популизмот на Заев, па тој не бира средства во битката да им се додворува.

Аналитичарите велат дека Заев има затворена врата кај Македонците, па затоа сега се пробува кај Албанците. Според нив, договорот со Грција станува тиранска платформа на Заев со која ќе проба одново да им се допадне на Албанците.

„Намерно создавање паника кај населението“

Историчарот Никола Грбов со кус осврт на прес-конференцијата на Заев:

1. Неверојатен фејк њуз директно од претседателот на вледачката СДСМ и тоа на прес конференција. Вели „Ако се укине или измени прспанскиот договор автоматски ќе бидеме исклучени од НАТО“. Ова не само што е тешка манипулација туку ова е и намерно создавање паника кај населението.

2. Понатаму вели „За преспанскиот договор се водеа преговори повеќе од 20 години…“. Ова е тешка манипулација со цел споделување на одговорноста со сите останати политички чинители кои во изминатите 20 години преговарале со Грција за спорот со името. Апсолутно никој, па дури и СДСМ додека беше на власт, не преговарал за одредбите од преспанскиот договор. Договор со такви одредби, доколку некој го прифател, ќе се потпишел многу порано, но никој не преговарал и не го прифатил она што Заев го прифатил.

3. На крајот вели „Доколку се укине или измени преспанскиот договор тоа ќе не врати 25 години назад“. Повторно манипулација, тоа ќе не врати во времето пред ти да дојдеш на власт и веднаш да прифатиш сѐ она што твоите претходници не го прифатиле и се бореле да не дојде до ова.

„Ајде да видиме што оствари овој муртински лажов“

Бизнисменот и активист Роберт Милески на својот Фејсбук профил сподели статус во кој пишува како Заев велел дека од Договорот од Преспа, Македонија ќе имало иднина.

Даштевски: Заев се додворува, спинува и подготвува позиција за кампања

КУРИР побара став од аналитичарот Александар Даштески, кој открива три цели кои Заев сакал да ги постигне со вчерашниот говор.

Пред се, Даштески се согласува дека со овие ставови екс-премиерот им се додворува на албанските гласачи во Македонија.

Втората цел која Заев сакал да ја постигне со вчерашната изјава, вели Даштевски за КУРИР,  е спинување и вртење на темата. Во време кога во земјава најголем скандал е високата корупција, екс-премиерот, смета аналитичарот, зборува за други работи за да ја сврти темата.  Заев не ја заврши работата која ја ветуваше и земјава не доби датум за преговори, па сега Заев одново ја промовира работата која не ја заврши.

И третата цел која Заев ја имал со вчерашниот говор, смета Даштевски, е подготовка на позиција пред изборите за тоа што ќе го говори во кампања. Тој, вели аналитичарот, сака да го исплаши народот.