Раководството на АД ЕЛЕМ е неспособно да менаџира со природните ресурси. Десетици кубни метри вода во секунда се прелеваат преку браните на ХЕЦ Глобочица и ХЕЦ Шпиље, таа вода е непреработена во електрична енергија, истакна на денешната прес-конференција Горан Чогеља од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој посочи дека три недели по ред во континуитет прелева ХЕЦ Глобочица, со што загубата од непроизведената електрична енергија досегна речиси половина милион евра, директната загуба континуирано и се зголемува секој ден.
-Ситуацијата станува алармантна и во ХЕЦ Шпиље, која од пред два дена исто така почна да прелева. Ваквата состојба се очекува да продолжи и во наредниот период. До ваквата состојба немаше да дојде доколку раководството на АД ЕЛЕМ пристапеше кон навремено производство на електрична енергија во зимскиот период и да изврши пред празнење во акумулациите. Поради неодговорноста на власта и неспособноста на раководењето на АД ЕЛЕМ, претпријатието наместо добивка, прави чиста загуба пуштајќи чисти пари по вода. Очигледно топењето на снеговите во пролет, ги изненади АД ЕЛЕМ, како што снегот среде зима ги изненадува Македонија пат, нагласува Чогеља.
Неспособноста на АД ЕЛЕМ и ненавременото производство на електрична енергија резултираше со поплави во Охридското езеро и огромни материјални штети долж целото крајбрежје. Нивото на водата во Охридското езеро е сеуште 23 сантиметри над дозволената кота. Штетите од поплавите од пред месец дена на Охридското крајбрежје сеуште не се ниту проценети, а камо ли санирани. Ова раководство на АД ЕЛЕМ е ЕЛЕМентарна непогода во енергетиката и треба под итно да си поднесе оставка.