Претседателството на Собранието на Косово ја закажа за 14 декември пленарната седница на која треба да се гласа за пакетот закони со кој се предвидува трансформација на Безбедносните сили (ФСК) во војска на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Веста, по седницата на парламентарното Претседателство, на новинарите им ја соопшти претседателот на Собранието Кадри Весели, упатувајќи воедно и честитки до граѓаните на Косово.
– На 14 декември, честитки до сите, ќе ја имаме трансформацијата на ФСК во вооружени сили на Косово. Мислам дека тоа ќе биде нацрт-закон кој ќе се изгласа со апсолутно мнозинство на гласови. Честитки уште еднаш до сите, изјави Весели.
Според собранискиот спикер „од појавувањето на ОВК Косово има своја војска, но сега на истата ќе се даде институционален печат“.
Претставниците на опозициските партии на Албанците во собраниското Претседателство најавија дека нивните пратеници ќе присуствуваат на седницата и ќе гласаат за усвојување на законите.
Пакетот закони предложен од Владата на Рамуш Харадинај се состои од нацрт-законите за ФСК, за Министерството за одбрана и за служење во ФСК.
Во прво читање законите беа изгласани од сите присутни пратеници на седницата, освен од оние од Српската листа, кои ја бојкотираа расправата и гласањето.