На годинешното македонско жито не му се пишува добро – постојат големи шанси на крајот да заврши како храна за стоката, наместо да биде брашно со кое ќе се прехрануваме во текот на целата година.
Квалитетот на годинешната берба е многу низок, а и самите приноси се многу слаби. Земјоделците се правдаат дека дождливата пролет си го направила своето, па дождот директно влијаел на развојот на болести кај пченицата.
Државата, пак, им вели на земјоделците дека немаат оправдување и ги обвинува дека штеделе на ѓубрива и дека намерно не користеле заштитни средства против болести.
Како и да гледаме, кој и да е вистинскиот виновник, сепак на крајот македонскиот народ ќе си остане гладен, па за да се избегне такво сценарио, земјоделците сега предлагаат да се снижат критериумите за употреба на житото за човечка исхрана и на тој начин да се спречи поголемиот дел од производството да заврши како храна за стоката.
Всушност, земјоделците бараат од државата да се намали критериумот за хектолитарска маса, па наместо од 100 килограми пченица да се произведуваат 80 килограми брашно, тие предлагаат од 100 килограми пченица да се произведат 65 килограми брашно.
Со прифаќање на овој предлог, посочуваат тие, ќе се овозможи поголеми количини од пченицата да се искористат и да не завршат како сточна храна, а тоа нема воопшто да влијае на квалитетот на брашното.
Инаку, државниот советник во Министерството за земјоделство, Трајан Димковски, минатата недела обвини дека земјоделците штеделе на ѓубрива и не употребувале заштитни мерки од болести на пченицата.
– Годинава житата потфрлија, со намален принос, но и со квалитет и тука е клучот што постојано го зборуваме. Кај нас житото се заштитува само од плевели, но последниве години покажаа дека мора да се заштити и од болести. Затоа сѐ повеќе при креирањето на политиките даваме значење на тој сегмент, мора да се користи вештачко ѓубре во оптимални количини. Во одредени подрачја или површини каде е слабо користено, излезе и со 56 хектолитри квалитетот на пченицата што е послабо и од јачменот. Имавме и со 73. Јасно е дека кој колку вложил, толку и добива. На исти површини за иста класа земја има и 2,5 – 3 тона, но и 6 – 7 тона по хектар пченица, зависно од домаќинството колку вложило – рече Димковски.
Цветан Трупуновски, кој е претседател на Комисијата за земјоделство во ВМРО-ДПМНЕ, пак, смета дека државата треба итно да го повлече огласот за стокови резерви доколку не сака следното производство на пченица да биде под очекувањата.
– Откако ќе го стори тоа треба да ги промени и условите. Да го намали хектолитарскиот квалитет, да стави услов дека треба да се откупи само домашна пченица и тоа да биде во повеќе лотови. Треба да се изврши и интервентен откуп за да се намалат количините кои ќе се складираат кај земјоделците поради можност од расипување на зрното – вели Трипуновски.
Трипуновски објаснува дека за да се добијат високи приноси и висок квалитет на зрното на пченицата мора да се работи на нови агротехнички методи за да се приспособи пченицата на променетите климатски услови и да се создаваат нови сорти пченица кои ќе бидат поотпорни на овие промени.
– Тоа е работа на Министерството за земјоделство кое треба стратешки да планира како ќе се справи со климатските промени во секторот. Оваа стратегија треба да се води заедно со научните институции кои ќе работат на подобрени сорти на пченица кои ќе дадат квалитет и во вака променети услови за одгледување на оваа култура која е стратешка за земјава. Треба да се внимава да не се дестимулираат земјоделците кои годинава имаат загуба од 50 отсто, да продолжат да сеат пченица – додава Трипуновски.