Економија 22.10.2024 10:51

Златото на ново рекордно ниво, доларот расте

Златото на ново рекордно ниво, доларот расте

Инвеститорите сѐ повеќе се фокусирани на претстојните претседателски избори во САД, додека анкетите покажуваат дека тие ќе бидат неизвесни. Во такви периоди, инвеститорите имаат тенденција да купуваат побезбедни средства, па цената на златото достигна ново рекордно високо ниво од 2.740 долари за унца, а приносот на 10-годишните записи на американското Министерство за финансии се искачи на 4,19 отсто, што е највисоко ниво во последните 12 семици.

„Постои зголемен фокус на изборите во САД и фискалната динамика во САД. Без разлика кој ќе победи, нем се гледа патот кон фискалната консолидација“, рече стратегот на ANZ, Џек Чемберс.

На валутните пазари, курсот на доларот расте, поддржан од зајакнувањето на приносите на американските трезорски записи. Индексот на доларот, кој ги изразува перформансите на американската во однос на шесте најважни светски валути, претпладнево изнесува 103,96 поени и е на пат да постигне раст од над три отсто од почетокот на месецот. Сепак, падна од највисокото ниво постигнато вчера од 1 август – од 104,02 поени.

Со еврото се тргува за 1,0819 долари, што е блиску до најниското ниво од 2-ри август, додека јенот е на најниско ниво во последните 2,5 месеци од 150,67 јени за долар.

Аналитичарите велат дека неодамнешниот подем на доларот ги одразува очекувањата дека Доналд Трамп ќе победи во претседателската трка во САД, при што се смета дека неговата трговска, даночна и имиграциска политика веројатно ќе доведе до повисока инфлација и повисоки приноси.

„Ако Трамп победи, можеме да очекуваме малку бурна средина со многу неизвесност. Додека победата на Трамп може да се гледа како краткорочен ветер за пазарите, на долг рок сликата изгледа многу поинаква… на некој начин, ние ја гледаме победата на Харис како исход од статус-квото, што веројатно ќе ги продолжи постоечките политики и ќе имплицира побавен процес на промена на политиката“, велат стратезите на „PineBridge Investments“ во белешката до клиентите.

Фокусот на девизните пазари е и на општите избори во Јапонија оваа недела. Додека анкетите се разликуваат за тоа колку места ќе освои владејачката Либерално-демократска партија (LDP), пазарите се оптимисти дека оваа партија, заедно со помалиот коалициски партнер Комеита, ќе излезат како победници.