Економија 13.10.2023 10:52

Зошто „радар не ја фаќа“ нашата трговска размена со Израел?

Зошто „радар не ја фаќа“ нашата трговска размена со Израел?

Официјалната статистика, достапна во базата на Централната банка, покажува дека војната во Израел и можната ескалација на најкрвавиот судир на оваа држава со соседите од Блискиот Исток нема ниту може да има никакво влијаение врз македонската економија. За периодот од 2009 до 2019 година (а и досега) Македонија и Израел речиси и да немаат трговска размена, а оваа земја не е на листата на најголемите 40 трговски партнери на Македонија. Истото важи и за смртните непријатели на Израел, а тие се Иран, Либан, Сирија, па дури и Египет и Јордан.

Македонската економија воопшто не ја засега безбедносната криза или поточно војната што веројатно следи во Израел – државата која е економска, технолошка, земјодеска, воена и финансиска супер сила на Блискиот Исток. Официјалните историски податоци на Народната банка достапни на овој линк https://www.nbrm.mk/nadvoresno_trgovska_razmena.nspx покажуваат дека Македонија и Израел речиси како да не се на иста планета. Истото важи и за неговите соседни држави од Блискиот Исток. Ните една од тие земји не е во најголемите 40 трговски партнери на Македонија за периодот од 2009 до 2019 година. Истиот резултат го покажува и најновиот извештај на Државниот завод за статистика. Израел го нема во најголемите 20 трговски партнери на нашата земја за првите осум месеци годинава.

Единствени податоци за трговската размена на Македонија и Израел можат да се најдат на сајтот на Стопанската комора на Македонија. Тие датираат за периодот од вече далечната 2004 година па до 2007 година. За овие години увозот од Израел (кумулативно) изнесува нешто над 40 милиони американски долари, а нашиот извоз таму е помал од 3 милиони долари (кумулативно за тие години).
Бројките генерално, а особено за нашата трговска страна, се поразителни и покрај малата размена креирале голем трговски дефицит.

Во статијата достапна на сајтот на Стопанската комора пишува дека има широк простор за зголемување на трговската размена со Израел особено преку заеднички инвестиции за кои има бројни погодности во нашата законска регулатива. Очигледно дека и по 16 години од тоа писание состојбата не е значајно променета.

Што се однесува до актуелните податоци за трговската размена со светот за првите осум месеци таа надминува 1,4 милијарди евра. Како и секогаш и годинава книжиме дефицит затоа што увозот е за околу 25 отсто поголем од извозот. При тоа нашито извоз за првите осум месеци изнесува 555 милиони евра (зголемен за 2%), а увозот е 864,2 милиони евра (намален за 7,6%).