Економија 08.02.2024 13:49

Зошто среброто поскапува и дали по цена ќе го надмине златото?

Зошто среброто поскапува и дали по цена ќе го надмине златото?

Оваа година цените на среброто би можеле да бидат највисоки во последните 10 години. Според извештајот на Американскиот институт за сребро, постои можност глобалната побарувачка за сребро да достигне 1,2 милијарди унци во 2024 година, што би било втора најголема побарувачка досега.

Во извештајот се наведува дека зајакнувањето на индустриската побарувачка треба да биде главната причина за растечката глобална побарувачка за сребро. Среброто првенствено се користи за индустриски цели, обично во производството на автомобили, соларни панели, накит и електроника.

Извршниот директор на Институтот за сребро, Мајкл ДиРиензо, изјави за CNBC дека очекува среброто да достигне 30 долари за унца, што би била највисока цена во последните 10 години. Оваа цена последен пат беше постигната во февруари 2013 година.

Институтот забележал дека годинава побарувачката за сребрен прибор е зголемена за девет отсто, а побарувачката на сребрен накит е зголемена за шест отсто. Значителен раст на побарувачката за сребрен накит се очекува да има во Индија. Покрај тоа, закрепнувањето на пазарот на електронски уреди треба да придонесе за раст.

Она што може да создаде потешкотии е краткорочното забавување на кинеската економија и намалените изгледи за САД да ги намалат каматните стапки на почетокот на оваа година. Сепак, се очекува дека САД ќе почнат со намалување на каматните стапки во втората половина на оваа година. Имено, повисоките каматни стапки ѝ штетат на побарувачката на сребро и злато.

Дали среброто ќе го надмине златото?

Поради широката индустриска употреба на среброто, неговите цени се поврзани со состојбата на целокупната економија. Од друга страна, цените на златото имаат тенденција да растат во време на економски тешкотии или несигурност. Следствено, среброто е чувствително на економските промени и неговите цени се попроменливи од цените на златото.

Цените на среброто имаат тенденција да ги надминуваат цените на златото за време на силни економски експанзии, но опаѓаат кога има економски тешкотии. Односот на среброто со златото се следи врз основа на тоа колку унци сребро е потребно за да се купи една унца злато. Во моментов, за една унца злато се потребни 90 унци сребро, пишува CNBC.