Актуелно 29.11.2018 21:12

Целосното откажување од штетните емисии ќе ја чини ЕУ милијарди евра

Целосното откажување од штетните емисии ќе ја чини ЕУ милијарди евра

Европската унија го претстави својот долгорочен план за борба против климатските промени во обид да постави поамбициозен тон во дебатата за заштита на животната средина.

Блокот, кој е одговорен за 10% од емисиите на стакленички гасови во светот, си постави за цел да го намали влијанието врз животната средина на нула до 2050-та година. Презентацијата на обновената стратегија е само една недела пред повеќе од 200 земји во светот да се сретнат во Полска за годишната конференција за климатските промени.

Според зборовите на еврокомесарот за прашањата поврзани со климата Мител Аријас Каниете со овој план Европа ќе е првата голема економија во светот, која ќе цели кон дозволувањето на нула јаглерод врз планетата до 2050-та година, соопштува „Bloomberg“.

Новата европска стратегија не ги менува целите за 2030-та година, наместо тоа поставува седум главни столба на акција во наредните децении, кои потоа би можеле да се претворат во цели на Унијата.

Плановите на Унијата, сепак, доаѓаат со соодветна цена. Независно од климатските промени, економијата на ЕУ може да бара дополнителни инвестиции во висина од 290 милијарди евра.

Според актуелениот извештај на меѓувладиниот панел за климатски промени на ОН за постигнување на нула јаглерод во ЕУ до 2050-та година ќе бидат потребни дополнителни инвестиции во енергетската инфраструктура во износ на меѓу 175-290 милијарди евра, а поголемиот дел ќе треба да бидат покриени од бизнисите и домаќинствата.

За намалување на емисиите за 85% или ограничување на глобалното затоплување на 2 степени Целзиусови до истата година ќе бидат потребни инвестиции од 75-175 милијарди евра.

Сепак, не сите континентални држави се во иста позиција. За време на расправата за целите за 2030-та година скандинавските и другите западноевропски држави изразија желба за забрзување на темпото на акција, додека земјите од централна и источна Европа ја посочија потребата од повеќе време за замена на инфраструктурата и прилагодување на индустриите.

За време на неговиот говор, Каниете побрза да ги смири државите од блокот. „Неутралноста на јаглеродот ќе ги стимулира инвестициите во европските решенија за зелена енергија во вредност од речиси 300 милијарди евра годишно“, рече тој. Според него, ова ќе му помогне и на економскиот раст на континентот до 2% од бруто домашниот производ до 2050-та година.

Елиминацијата на емисиите на јаглерод до 2050-та година е од суштинско значење за да се исполнат целите за ограничување на глобалното затоплување до 1,5 Целзиусови степени. Земјите по Парискиот договор за климата се ангажираа со ограничувањето на глобалното затоплување до 1,5 степени, наспроти прединдустриската ера, бидејќи евентуално затоплување од 2 или повеќе степени Целзиусови би имало погубно влијание врз планетата.

ЕУ во моментов е посветена на намалување на штетните гасови до најмалку 40% до крајот на следната деценија. Сепак, ова не е доволно за да се исполни обврската од Парискиот договор.

Земјите-членки на ЕУ имаат време до крајот на оваа година да ги испратат сопствените проекти за енергетската и климатската стратегија, кои исто така ја земаат во предвид актуелната стратегија на блокот. Брисел, исто така, повика на проширување на соработката со глобалните партнери за подготовка на долгорочната програма, која треба да вклучува и деловни здруженија, поединечни региони и градови.

„Ако ние не поведеме, никој друг нема да го направи“, изјави Каниете насочувајќи кон Американскиот претседател Доналд Трамп, кој само пред неколку дена ги отфрли предупредувањата на неговата Влада за економските трошоци од глобалното затоплување.