Руската централна банка ги зголеми резервите на злато во јули со најсилно темпо од почетокот на годината, објави „Bloomberg“.
Институцијата продолжува со купување на благородни метали поради заканата од нови санкции од страна на САД.
Само во последниот месец руската централна банка додаде 26,1 тони злато во своите резерви, со што нивниот вкупен волумен изнесува 2,170 тони, според Меѓународниот монетарен фонд.
Нивната вредност изнесува над 77 милијарди долари. Последен пат кога земјата купи такви големи количини одеднаш беше во ноември минатата година.
Во април и мај оваа година, Русија почна да го продава своето портфолио на американски државни хартии од вредност, и на крајот тоа беше намалено за речиси 80 отсто. Во исто време, централната банка го зголемува купувањето на злато, со надеж дека ќе се заштити од можни санкции и зависност од американскиот долар.
Еден од замениците гувернери на институцијата, Дмитриј Тулин, претходно оваа година сподели дека златото е „гаранција од 100 отсто од било каков политички или правен ризик“.
„Ова е исклучително мудар потег од страна на Путин. Русија се наоѓа во состојба на финансиска војна. Поради тоа се ослободуваат од доларските средства и преминуваат кон златото, со што практично се изолираат од можните негативни ефекти на санкциите“, смета Џим Рикардс од „Strategic Intelligence“.
„Bloomberg“ потсетува дека притисокот врз Москва се зголемува, а Вашингтон и Брисел размислуваат нова порција од финансиски ограничувања за руските компании поради случајот со труењето на поранешниот руски агент Сергеј Скрипал во Велика Британија.
„Американците го користат американскиот долар како оружје и е целосно логично Русија да се обидува да ги диверзификува девизните резерви“, вели Џон Мајер од лондонската консултантска компанија „SP Angel“.
Според неговите зборови, златото секогаш ќе биде најпосакувана ликвидна инвестиција за секој кој не сака изложеност на американскиот долар.