Актуелно 14.10.2026 13:50

Мисајловски: Со закон ќе се овозможи македонски компании да работат во делови на воената индустрија за потребите на Армијата

Мисајловски: Со закон ќе се овозможи македонски компании да работат во делови на воената индустрија за потребите на Армијата

Министерството за одбрана направи закон за воена индустрија, со кој планираме да направиме посебни зони, коишто ќе бидат во делот на нашите капацитети каде што имаме корисничко право и на тој начин да им овозможиме на компании да учествуваат и да обезбедиме средства за компании што сакаат да работат во различни делови на воена индустрија, истакна денеска министерот за одбрана Владо Мисјаловски на Собраниската седница за пратенички прашања од опозицијата.

Одговарајќи на прашањето на пратеникот Фатмир Битиќи од СДСМ, конкретно што е направено за домашните компании да ги искористат можностите од НАТО, тој појасни дека со новото законско решение кое треба да биде ставено пред пратениците, предвидено е домашни компании да се субвенционираат за дополнително да се развиваат во одбранбената индустрија.

На млади компании што веќе излегле на пазарот, а не можат да продаваат во странство, ние, вели Мисајловски, ќе направиме еден вид истражување (research and development) како да им дадеме дополнителни средства да се развиваат и да продаваат тука производи, пред сè, да ги користи Армијата, а потоа да добиваат потврда за користење со што ќе може да излезат на кој било пазар, па и во НАТО, во земјите членки на НАТО да го продаваат.

Министерот појасни дека имале средба со претставници на компании, како што рече, каде млади луѓе почнале да прават дронови во Македонија.

– Со ова законско решение ќе можеме директно да помагаме на македонски компании. Ова е сегмент од сето тоа, но законското решение ќе стигне и до вас, се надевам дека ќе дадете и вие експертиза во тој дел, сите како пратеници. Со овој начин сакаме да видиме дали има можности за стратешки договори на македонските компании, односно ако во наредните 10 години планираме да издвоиме околу една милијарда евра, да речеме, во делот на модернизација, како дел од македонските компании да произведуваат тука во Македонија, додаде Мисајловски.

Во делот на наменската индустрија, додаде, има секаков вид тендери во НАТО и од различна област.

-Околу 30-тина компании веќе се регистрирани и веќе доставуваат, но бидејќи барате целосен увид на сите оние компании што се направени, ќе ми дозволите сè да ви доставиме за да имате еден преглед, а секако јас ќе зборам и со коморите. Има барања од некои компании за дополнителни олеснувања, но, иако тоа не е предвидено во законот, во Министерството за одбрана ќе направиме постапка каде што ќе може дополнително да помагаме, рече Мисајловски.

Најважно, е вели, како да се направат стратешки договори со македонски компании и да им дозволат да се развиваат, а паралелно Армијата да биде дел од целиот тој процес и тие производи да ги произведуваат за Армијата.

– Зошто да не ги користиме и тие луѓе да помагаат во Министерството за одбрана. Некои луѓе произведуваат и дел од опрема што сакаат да ја пренесат надвор од македонскиот пазар, но за тоа им треба домашна поддршка. И сè тоа го ставаме во овој закон. Сакам да знаете дека овој закон ќе биде подготвен заедно со нашиот стратешки партнер и врз основа на тоа ќе го доставиме во Собранието како да имаме можност преку средствата од Министерството директно да помогнеме на македонски компании. Де факто така ќе направиме македонски компании што ќе продаваат НАТО производи, подвлече министерот за одбрана.