Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на трошоците на животот во август 2018 година, во однос на претходниот месец, изнесува 100.3, а индексот на цените на мало 100.9.
Пораст на индексите на трошоците на животот во август 2018 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај свежиот и разладениот зеленчук, освен компирот и другите коренести плодови за 4.9 %, цигарите за 0.7 %, трбушките, замрзнатото овошје за 0.6 %, јогуртот за 0.5 %, рибата и морските плодови и конзервираното овошје за 0.2 %.
Во август 2018 година, исто така, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај авионскиот превоз на патници за 21.1 %, другите медицински производи за 3.7 %, туристичките пакет-аранжмани за 2.5 %, услугите за сместување за 2.2 %, услугите за култура за 2.1 %, снабдувањето со вода и другите услуги во врска со станот за 0.9 %, малите електрични апарати за 0.5 %, парамедицинските услуги, опремата за прием, снимање и репродукција на звук и слики за 0.4 % и велосипедите за 0.3 %.
Намалување на индексите на трошоците на животот во август 2018 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај свежото и разладеното овошје за 5.2 %, сувото овошје и јаткастите производи за 0.7 %, другите преработки од месо за 0.6 %, млекото, шеќерот, џемот,медот, чоколадата и кондиторските производи за 0.4 %, сушеното, чаденото и пушеното месо, сушениот зеленчук, другиот конзервиран и преработен зеленчук за 0.3 %, сирењето и урдата, маслото и маснотиите, другите прехранбени производи и безалкохолните пијалаци за 0.2 %.
Исто така, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај централното греење на домаќинствата за 2.9 %, фотографската и кинематографската опрема и оптичките инструменти за 1.7 %, течните горива за домаќинствата за 1.3 %, средствата за чистење и одржување на станот за 1.2 %, информатичката опрема за
1.0 %, течните горива и мазива како дел од опремата за сопствени сообраќајни средства за 0.7 %, обувките за 0.5 %, мебелот за домаќинствата за 0.4 %, текстилот за домаќинствата, дисковите, касетите, дискетите, цедеата, филмовите за 0.3 %, градините, растенијата и цвеќињата, услугите за лична хигиена и другите лични предмети за 0.2 %.
Индексот на трошоците на животот во август 2018 година, во споредба со август 2017 година, забележа пораст од 1.5 %, а индексот на цените на мало забележа пораст за 3.3 %.