Финансии 10.09.2018 10:20

Одржана редовната седница на Комитетот за финанскиската стабилност

Одржана  редовната седница на Комитетот за финанскиската стабилност

Вчера се одржа шестата седница на Комитетот за финансиската стабилност, на која присуствуваа гувернерката на Народната банка на Република Македонија, д-р Анита Ангеловска-Бежоска и министерот за финансии, д-р Драган Тевдовски, како и високи претставници од двете институции. Седницата се одржа како дел од редовните активности на Министерството за финансии и НБРМ за следење на состојбите и трендовите во финансискиот систем.

На седницата беа разгледани првичните резултати од оцената на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка за усогласеноста на банкарската супервизија и регулатива во Република Македонија со Базелските принципи за ефикасна банкарска супервизија. Оцената е дел од сеопфатната Програма за оцена на финансискиот сектор во Република Македонија (Financial Sector Assessment Program), којашто ја спроведува заеднички тим на експерти од двете меѓународни институции. Првичните согледувања укажуваат на стабилен и добро развиен систем на банкарска супервизија и регулатива, со висок степен на усогласеност со меѓународните стандарди објавени од Базелскиот комитет за банкарска супервизија.

Комитетот ги разгледа и последните движења во банкарскиот систем и ризиците врз финансиската стабилност во Република Македонија и заклучи дека банкарскиот систем и понатаму ја има најзначајната улога во одржувањето на стабилноста на целиот финансиски систем. Активностите на банките продолжуваат да растат, а солвентноста на банките дополнително зајакна и на крајот на јуни 2018 година, стапката на адекватност на капиталот достигна 16,5%. Ликвидните средства на банките континуирано се одржуваат на високо ниво, учествувајќи со над 30% во вкупната актива на банките и обезбедувајќи покриеност на вкупните депозити на населението, од околу 60%. Квалитетот на кредитното портфолио на банките е стабилен, а стапката на нефукционалните кредити веќе неколку месеци е на ниво од околу 5%. Во услови на едноставна структура и скромна поврзаност на активностите на одделните сегменти на финансискиот систем, ограничена е опасноста од прелевање на ризиците помеѓу одделните сектори, што дополнително влијае врз стабилноста на финансискиот систем.

Најнови вести