Американската технолошка компанија „GoPro“ ја објави својата прва камера за пренос во живо, во обид да привлече инвеститори и да ги подобри своите перформанси за време на празниците.
Камерата „Hero 7 Black“ чини 399 долари и располага со нова технологија за стабилизација, како и со можност за говорна команда и нов видео формат наречен „TimeWarp“, кој компресира подолги кадри во кратки, забрзани видеа, пренесува „CNBC“.
Компанијата објави дека покрај оваа камера ќе бидат објавени и две други верзии – „Hero 7 White“ и „Hero 7 Silver“, за 199 и 299 долари. Тие се водоотпорни и имаат подобрена стабилизација на сликата и квалитетот, како и софтвер за препознавање на глас.
Главниот извршен директор на „GoPro“, Ник Вудман изјави дека новата технологија за стабилност која компанијата ја нарекува „HyperSmooth“, е најголемата иновација кај видеата со висока резолуција.
„GoPro“ го опреми својот предводник со специјални функции за споделување и врска со социјалните платформи, како и со уникатни видео формати, во обид да ја зголеми својата продажба.
Вудман изјави за „CNBC“ дека по години на обиди за постигнување на различни ценовни нивоа, тој се надева дека новата серија камери ќе и помогне на компанијата да ја врати својата профитабилност.
„Ова е голем предизвик, бидејќи на многу од пазарите, всушност ние сме единствениот играч“, изјави Вудман, додавајќи: „Немаме ниту еден голем конкурент кој ќе ни помогне да направиме споредба помеѓу производите, да ја разбереме ценовната чувствителност. Ние треба да го разбереме сето тоа самостојно“.