Економија 25.09.2018 19:25

Меркел предупреди пред европската автомобилска индустрија да не се поставуваат преголеми барања

Меркел предупреди пред европската автомобилска индустрија да не се поставуваат преголеми барања

Германската канцеларка Ангела Меркел предупреди во вторникот пред европската автомобилска индустрија да не се поставуваат преголеми барања, во контекстот на плановите на Европската комисија да се одредат нови цели за намалување на емисиите на издувните гасови од возилата.

Германската владејачка коалиција, составена од конзервативците и социјалдемократите, мора да заземе заеднички став за планираните ограничувања, изјави канцеларката Ангела Меркел пред челниците на автомобилската индустрија во Берлин.

Предлозите на Европската комисија се разумна појдовна точка, додаде германската канцеларка. „Сето она што оди преку тоа, го носи ризикот од протерување на автомобилската индустрија од Европа“, предупреди Меркел.

Европската комисија предлага намалување на емисиите на јаглерод диоксид за 30 отсто меѓу 2021 и 2030 година за новите авѕомобили. До 2025 година, според овој предлог, тие би требало да испуштаат 15 проценти помалку издувни гасови.

Германската автомобилска индустрија, една од водечките гранки во земјата па и на глобално ниво, се спротиставува на среднорочната цел, а ја прифаќа долгорочната до 2030 година, сметајќи ја за остварлива.

Тешко составената германска владејачка коалиција е поделена и по ова прашање, покрај во прв ред мигрантското. Конзервативниот министер за сообраќај ги поздрави европските предлози, меѓутоа министерката за животна средина која доаѓа од редовите на социјалдмократите, сака построги стандарди.

Најнови вести