Пациенти со малигни заболувања со месеци чекаат термин за преглед и контрола на болеста. Од здружението „Борка“ алармираа дека жени кои биле оперирани од рак на дојка и по четири месеци чекале термин за мамографија, а имало и случаи кога за ехо преглед се чекало и до една година.
Апелираа до надлежните да се најде итно решение за проблемот бидејќи, како што велат, за овие пациенти секој ден минат во неизвесност може да биде фатален. Министерот за здравство признава – проблем со термините во болниците за радиологија има. Недостигал и кадар, па затоа вели немало кој да ги прегледува пациентите.
Од „Борка“ со апел – да се воведат новите иновативни лекови на позитивната листа. Тоа, велат, ќе им овозможат на пациентките со метастатски карцином подолг и квалитетен живот. Министерството допрва ќе формирало Комисија која ќе работи овие медикаменти да им станат подостапни на пациентите.
Инаку, денеска во Скопје по 10-ти пат се одржа традиционалната прошетка „Напред розово“ на која учествуваа жени со рак на дојка, веќе излечени пациенти, но и граѓани поддржувачи. Целта на прошетката е да се подигне свеста кај жените за редовни прегледи и рана дијагностика на болеста, со што би им се овозможило и успешно лекување.
Во земјава, три до четири жени дневно заболуваат од канцер на дојка. Според статистиката, над 1200 жени во Македонија годишно се дијагностицираат со рак на дојка, бројка која во последните 10 години е двојно зголемена.
Погледнете го прилогот на телевизија Алфа;