-Граѓаните и државата не смеат да трпат заради неодговорноста и неспособноста на Заев и екипата околу него. Повеќе од година дена државата реди само неуспеси. Владата која како маска го стави за приоритет решавањето на спорот за името, всушност правеше невиден грабеж. Милионски тендери се делат во четири очи, убиства се случуваат по улиците кои никој не ги расветлува, здравството, образованието и земјоделието тонат, исто како и се друго во државата, а ветувањата за 500 евра плата и 600 километри автопат останаа само бледо слово на хартија. Хаосот не смее да продолжи. Зоран Заев мора да си оди, потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека над 1 милион и 200 илјади граѓани и дадоа црвен картон на оваа влада и на договорот од Преспа. СДСМ нема легитимитет да управува со државата.
-Кризата мора да запре. ВМРО-ДПМНЕ нуди решение. Ние ги прифаќаме изборите кои Заев ги најави. За тие да се случат, а со цел овозможување на фер и демократски изборен процес потребно е формирање на техничка – пржинска влада, избор на ЈО по предлог на опозицијата и Анкетна комисија во Собранието за разгледување на нерегуларностите од референдумскиот процес. Втората опција за СДСМ и Заев е веднаш да се откажат од капитулантскиот договор и да се распишат избори, за по изборите да биде формирана нова обвинителска институција која ќе ги истражува криминалите на оваа власт и предметите на СЈО. Времето на криминал и корупција во Македонија мора да заврши. Политичарите од транзицијата мора да си заминат. Потребно е напуштање на договорот, осуда на криминалот и правда за секој еден граѓанин во оваа држава. На Македонија не и потребна нова криза, на Македонија и е потребен напредок и победа. Македонија ќе победи, народот ќе победи само со чесен и искрен и принципиелен пристап, додаваат од партијата.