Цената на горивата годинава е во речиси континуиран раст. Од вчера еден литар еуросупер – 95 чини 74,5 денари или 8 денари повеќе отколку во јануари годинава, а дизелот достигна 69 денари, што е 10,5 денари повеќе од почетокот на годинава. Лани во јуни цената на литар еуросупер – 95 беше 60,5 денари, а дизелот чинеше 46,5 денари.
За да наполните резервоар од 50 литри со дизел, во јануари требаше да платите 2.925 денари, а денес – 3.450 денари. Или денеска плаќате 525 денари повеќе отколку пред десет месеци.
Новите цени на горивата се доближуваат до оние од јуни 2008 година кога еуросупер БС-95 чинеше 77,5 денари за литар, а дизелот 76 денари за литар.
И Народна банка во последниот извештај посочи дека најновите проценки укажуваат дека цената на нафтата за 2018 година е ревидирана нагоре во споредба со априлските проекции, како резултат на високата глобална побарувачка на нафта, геополитичките тензии помеѓу САД и Иран и политичката криза во Венецуела и Либија.
„И за 2019 година е извршена нагорна ревизија на цената на нафтата, очекувајќи нејзин мал раст, наспроти падот според априлските проекции“, вели Народна банка.
Веќе неколку месеци траат лицитациите дека цената на суровата нафта може да стигне до 100, па дури и до 200 долари за барел. Во прилог на тоа одат масовните испади на нафтениот пазар како резултат на колапсот на економијата на Венецуела и најавените санкции на САД кон иранскиот извоз. Во вакви услови, секој потег на Саудиска Арабија за намалување на испораките ќе ги зголеми цените и истовремено ќе ја намали побарувачката, посебно на пазарите како Индија и Источна Азија. Оценката на ММФ дека глобалниот раст ќе се намали укажува на намалена побарувачка. Се очекува и реакција на земјите членки на ОПЕК со редукција на производството за да се одржат цените, мерка која беше актуелна до март годинава.