Православните христијани денеска ја одбележуваат Митровденската задушница во знак на сеќавање на починатите.
Црквата пропишала посебни денови – задушници, четирипати годишно, кога верниците се молат за покој на душите на починатите.
Задушница е секогаш в сабота, ден кој црквата го одредила за помен и молитва за упокоените. На Задушница се оди во црква каде што се служи литургија и парастос. На овој ден се посетуваат гробиштата каде што со молитва, пченица и лепче осветено со црвено вино се изразува помен за починатите.
На Задушница верните даваат милостина на сиромашните во име на покојните и се молат за покој на нивните души.
Митровденската задушница секогаш паѓа во саботата пред празникот Митровден. Митровденската задушница е востановена во XIV век и најпрвин била руска традиција, од каде преминала и во повеќето православни цркви. На оваа задушница, во прво време биле спомнувани само православните војници, меѓу кои биле и двајцата монаси Александар Пересвјат и Ослабја од Московската обител на Живоначалната Троица кои паднале на браникот за верата и татковината. Димитриј Јованович Донски, откако ја извојувал победата во битката со Мамаите на Куликовското поле во 1380 година, во која загинале и двајцата спомнати монаси, ја посетил нивната света обител за таму да учествува во извршувањето на поменот за нив. Притоа тој предложил Црквата да го прави овој помен секоја година во Митровденската сабота, односно во онаа сабота која е најблиску до празнувањето на св. вмч Димитриј (08 ноември). Од тоа време Црквата ја приброила оваа задушница во вселенските родителски саботи, а нешто малку подоцна востановила во оваа сабота да се извршува помен не само за паднатите за верата и татковината војници, туку и за сите починати воопшто.
Изменет сообраќаен режим до гробиштата Бутел, Камник и Ѓорче Петров
За време на празникот Задушница во периодот од 6 до 16 часот на гробиштата во Бутел, Камник и Ѓорче Петров од страна на сообраќајната полиција ќе бидат преземени посебни мерки за безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.
Од МВР информираа дека сообраќајот кон гробиштата Бутел ќе се одвива во една насока (кружно) односно сите возила ќе се упатуваат по улицата „Александар Урдаревски” во продолжение по локалниот пат за село Мирковци кон влезот за гробиштата, а ќе се излегува од улицата „Александар Урдаревски”.
По потреба сообраќајот ќе биде пренасочен и на гробишта Ѓорче Петров по улицата „Црногорска“, а на гробиштата „Камник“ по улицата „Јужноморавски Бригади“ и улицата „Роман Каскалиевиќ“.
Од МВР апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите од полицијата и да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.
Дополнителни автобуси за Задушница
Поради Задушница денеска ќе бидат пуштени во сообраќај дополнителни автобуси што ќе сообраќаат од и до гробиштата Бутел.
Од Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ информираат дека покрај редовната линија 59, која сообраќа од Карпош 3 до Кучевишка бара/Гробишта Бутел, ќе бидат пуштени во сообраќај и дополнителни автобуси 59А од Ново Лисиче и 59Б од Кисела Вода.
Дополнителни автобуси беа пуштени и во текот на вчерашниот ден.