Актуелно 04.12.2018 13:39

Димов: Далеку од очите на јавноста се носат штетни и контрапродуктивни одлуки за Велес

Димов: Далеку од очите на јавноста се носат штетни и контрапродуктивни одлуки за Велес

Повторно сме измамени, изманипулирани и излажани од страна на градоначалникот, господинот Аце Коцевски. Повторно велешани се соочуваат со црното владеење на градоначалникот, повторно ќе ја почувствуваат неговата незаинтересираност за потребите на велешани, истакна на денешната прес-конференција Ангел Димов од ВМРО-ДПМНЕ.

Димов ги информираше граѓаните дека далеку од очите на јавноста, изолирани од надворешниот реален свет, во еден медиумски мрак се носат штетни и контрапродуктивни одлуки за нашиот град Велес.

-Имено, наместо градоначалникот да се бори за подобрување на условите во кои живееме сите ние во Велес, тој напротив заедно со неговото советничко мнозинство предводено од СДСМ, носат одлуки на штета на граѓаните и на штета на нивниот домашен буџет. На ден 24.09.2018 година од страна на Управниот одбор на ЈКП „Дервен“–Велес, беше донесена одлука за утврдување на нова цена на водата за пиење за граѓаните на општина Велес за периодот од 2018-2020 година, која што беше доставена до  градоначалникот, вели тој.

Димов посочи дека оваа одлука беше ставена на дневен ред на 21-вата седница на Советот на Општина Велес, но беше симнато од дневен ред од страна на мнозинството.

-За истата по втор пат да биде доставена до Советот на Општина Велес на 22-та седница, која се одржа на 02.11.2018 година, по која  членовите на Советот на Општина Велес се изјаснија, и од вкупно 20 присутни, 10 гласа „за“,  7 гласа „против“, двајца од присутните советници се изземаа од гласањето по точката заради  конфликт на интереси поради близок член од семејството кој е вработен во ЈКП „Дервен“ и тоа членовите на советот Бесим Ахмедов и Весна Стојановска Богоевска , а еден член на советот  не се изјасни по точката. Ова Решение на Советот на Општина Велес, беше доставено од претседателот на Советот на Општина Велес до Градоначалникот за објавување во службено гласило, но истиот донесува Решение за запирање од објавување на Решението за давање согласност на Одлуката за утврдување на тарифа за снабдување со вода за пиење или водоснабдување на ЈКП „Дервен“-Велес за период од 2018-2020 година, поради начинот на изјаснување на членовите на Советот по материјалот од точката, односно бидејќи го немаше потребното мнозинство, од присутните во салата. Советот на Општина Велес на својата одржана 23-та седница на 15.11.2018 година ја рагледа оваа Одлука и донесе Заклучок за усвојување на Решението донесено од Градоначлникот за запирање од објавување на Решението за давање согласност на Одлуката за утврдување на тарифа за снабдување со вода за пиење или водоснабдување на ЈКП „Дервен“-Велес за период од 2018-2020 година, нагласи тој.

Димов посочи дека меѓутоа на следната седница одржана на 26.11.2018 година, одлуката беше повторно ставена како точка од дневниот ред, за повторно изјаснување.

-Овој пат од 21 присутни во салата одлуката беше донесена со 11 гласови „за“ и 10 „против“. Изземање  на советниците кои досега се изземаа од гласање немаше. Со поименично гласање се изјаснија и гласаа „за“ членовите на Советот кои една година наназад се изземаа од гласање заради конфликт на интереси, дури и по истата одлука, и тоа  го направија баш на одлука која беше на штета на граѓаните со покачување на цената на водата за пиење. Спротивно и без никаков срам и морал Аце Коцевски, истиот кој во својата изборна кампања ветуваше намалување на цената на водата за пиење сега ја носи оваа одлука заедно со своето советничко мнозинство. Измама и неодговорност е, и покрај тоа што градоначалникот ја знаел цената на водата за пиење од Регулаторната Комисија за енергетика на Република Македонија, да ветува намалување на цената и со тоа да придобива политички гласови. Ова не му доликува на еден татко на градот, ова не му доликува на сериозен политичар и човек кој давал ветувања дека општина Велес ќе ја направи најдобра општина во Република Македонија и спротивно од неговите ветувања уште еднаш удри по џебот на граѓаните. Овде ве прашуваме Господине Коцевски, дали откако не го овозможивте потребното мнозинство на советници од вашите редови кои ќе гласаат „за“ оваа точка, се одлучивте да замижите и премолчите на гласовите „за“ од страна на советници кои цела година наназад се изземаа од гласање заради судирот на интереси. Една година се изземаа и не гласаа, зарем ова беше  клучната одлука заради која вреди да се прекршат и законите? Зарем ова е животот кој го ветувавте и за кој добивте поддршка? Зарем ова е транспарентната и професионална општина за која  ветувавте,- носење одлуки без јавност и по секоја цена? Зарем ова е вашето домаќинско однесување и раководење? Господине Коцевски со овие прашања треба ВИЕ да се соочите, на овие прашања Велешани очекуваат одговор од ВАС, нагласија од ОК Велес на ВМРО-ДПМНЕ.