Според податоците на Државниот завод за статистика, во октомври 2018 година се издадени 276 одобренија за градење, што е за 31.0 % помалку во однос на истиот месец од претходната година.
Ваквиот катастрофален тренд во градежништвото трае цела година и ова ќе има огромно негативно влијание врз економијата коментираат експертите. Имено, според последните податоци од Министерството за финанси реализацијата на капиталните трошоци се очајно ниски или едвај 40 % заклучно со месец октомври.
Економистите велат дека ваквиот пад во градежништвото ќе има долгорочни последници врз и онака кревката македонска економија која во последната година се повеќе тоне. Според нив градежништвото е движечка гранка во македонското стопанство и дека неговиот пад повлекува пад и на многу други гранки во економијата.
Падот на градежништвото го става под знак прашалник економскиот раст за оваа година која Владата го проектираше прво на 3,5 % за да сега излезе со проекција од 2,8 %. Експертите велат дека со вакви катастрофални економски параметри тешко дека ќе се исполни и овој раст. Инаку, голем број од реномираните финансиски институции направија надолна корекција на БДП на Македонија за 2018 година меѓу кои Светска Банка, ММФ додека последно Европска Комисија направи надолна корекција на растот од 3,1 на 2,1 %.