Витаминка своите производи ги изложи на најважното случување во прехранбената индустрија, саемот СИАЛ, во Кина. На трите саемски дена, исполнети со бројни случувања во насока на унапредување на продажбата и презентацијата, Витаминка уште еднаш успеа да се претстави со квалитет, препознатливост и идентитет на Стобифлипс, Цевитана, Атлантис и останатите брендови. Витаминка, веќе неколку пати има направено испораки на производи во Кина. “Втора година сме присутни на овој саем затоа што нуди премногу можности и во однос на самиот кинески пазар, којшто со бројки ги надминува сите останати, но исто така и во однос на саемските случувања,она што им се нуди на учесниците и концентрацијата на присутни учесници од другите сродни индустрии. Во досегашното наше искуство со СИАЛ, Шангај, истото два пати ни се потврдило и затоа многу сме посветени на ова саемско претставување и секогаш изложувањето ни е проследено со иновативна и креативна презентација, како би се издвоиле и истакнале“, изјави Љупчо Велески, директор на сектор Извоз во Витаминка.
Витаминка е редовно застапена на саемските манифестации низ целиот свет, каде со воспоставување на директен контакт со дистрибутери, ланци на маркети но исто така и со самите потрошувачи, отвора нови пазари и го лоцира клучниот чекор во развојната стратегија на компанијата. СИАЛ се одржува во кинеската финансиска и економска престолнина, Шангај и претставува најголем саем во Азија и четвртата најголема изложба на иновации во прехранбената индустрија во светот. Бројките за оваа година ги надминуваат сите останати со 3.400 изложувачи, од приближно 70 земји и 110.000 професионалци од индустријата присутни на саемот.