Актуелно 16.01.2019 16:57

Колку ќе чини двојазичноста? Нови пари, униформи, вработувања…

Колку ќе чини двојазичноста? Нови пари, униформи, вработувања…

Двојазичноста не само што државата прескапо ќе ја плати со дополнително нарушување на меѓуетничките и интеретничките односи, туку и во финансиска смисла ќе чини премногу. Иако повеќето експерти одбиваат да калкулираат со конкретни бројки, сите се согласни дека таа сериозно ќе ја погоди економијата и ќе удри по џебот на сите граѓани, бидејќи освен државните институции, ќе го засегне и приватниот сектор.

Предвидено е дека за имплементација на новиот Закон за употреба на јазиците потребни се нешто над 1.7 милиони евра, но во пракса оваа цифра би можела да се зголеми дури десеткратно. Секоја државна институција ќе мора да има албански преведувачи за документацијата. Вработените што ќе имаат комуникација со граѓаните ќе мора да знаат и македонски и албански јазик а тоа чини и пари и ресурси. Имплементацијата на законот нема да ги засегне само Владата и Собранието туку и министерствата, царината, судството, училиштата, здравството, јавните претпријатија, а одраз ќе има и врз адвокатите, нотарите, извршителите. Дури и фискалните сметки ќе треба да се издаваат на двата јазика, што исто така ќе предизвика нови трошоци.
За Агенцијата за примена на јазикот веќе се издвоени над 130 илјади евра иако законот не беше стапен во сила кога се гласаше буџетот за годинава.

Но во оваа сума не влегуваат средствата за нови вработувања во новата институција – покрај овластени судски преведувачи ќе се вработат и лингвисти и дипломирани филолози по албански јазик, како и лиценцирани лектори. Работни обврски на овие лица ќе бидат лекторирање на сите акти што се објавуваат во Службениот весник на Република Македонија, ќе ги преведуваат и лекторираат и документите во сите државни институции.
Инспекторатот за употреба на јазиците ќе биде во состав на Министерството за правда, но ќе има својство на правно лице. Инаку, во рок од шест месеци називите на институциите треба да се напишат на три јазици, македонски, албански и англиски. Според експертите сосема е реално дополнително да се јават и нови трошоци кои исто така ќе треба да се плаќаат од парите на граѓаните.

Двојазичноста нема само да го празни туку и ќе го полни буџетот – предвидени се големи казни за нејзино неспроведување.

Доколку органите не ги почитуваат одредбите од законот ќе се соочат со глоба во износ од 4.000 до 5.000 евра, а службеното лице ќе плати 30% од одмерената казна.

Извор: Алфа