Правилникот од Министерството за финансии за доставување на податоци од банките до Управата за јавни приходи за парите, вклучувајќи ги и девизите, кои поединците ги добиваат од земјата и од странство стапи на сила.
Со тоа УЈП преку обрасците што ќе ги добива директно од банките ќе ги следи сметките на сите физички лица што добиваат пари на своите сметки од страна на други индивидуалци од правни лица од земјата, како и од странство.
Во образецот влегуваат податоци за налогодавачот, примачот, банката, број на трансакцијата, сумата, датум на приливот, основот, шифра на валута и на земјата, односно се што содржи една уплатница. Банката до 15-иот ден од тековниот месец треба да ги пријави сите трансакции за претходниот месец преку постоечкиот канал за размена на податоци со Управата за јавни приходи. Податоците кои се однесуваат за 2018 година, како што е предвидено со законските измени, треба да се достават до УЈП до 28 февруари.
УЈП за прв пат автоматски ќе ги добива податоците за сите приливи на сметките на граѓаните.по ланските законски измени по скратена постапка во Собранието. Пристапот до средствата на сметките на граѓаните, како што објавија од УЈП, им е потребен за подготовка на годишната даночна пријава, која во 2019 ќе ја изработува Управата за сите граѓани, а тие ќе треба да ја потврдат или коригираат.
Од Министерството за финансии наведоа дека личните податоци на граѓаните ќе бидат максимално заштитени и дека актите се усогасени со Дирекцијата за заштита на личните податоци. Со измените нема да се даночат дознаките, односно парите кои роднини и пријатели ги праќаат на своите најблиски, иако УЈП и нив ќе ги гледа. Но, граѓаните кои имале приходи од странство од авторски договори, хонорари за кои и до сега требало да платат данок, не ќе можат да го избегнат, бидејќи парите на сметка ќе ги гледа и УЈП.